Кога се сака, можни се безбедни концерти, велат организаторите на вчерашниот концерт на Галија во Битола

by fokus

Акустичниот концерт на бендот Галија, кој синоќа се одржа во Хераклеа, Битола, поминал со почитување на сите здравствени мерки и препораки за заштита од Ковид-19.

На настанот кој беше во организација на Сцена продукција имало 727 гости, се носеле заштитни маски и се одржувало потребното растојание.

-Задоволни сме од целокупниот настан, благодарни на публиката за покажана свест. Немаше прекршување на мерките, Галија блеснаа во едно светло кое е својствено за нив, посетителите имаа убава вечер исполнета со добра музика – за ,,Фокус” појаснува Влатко Јовановски од продукцијата.

Додава дека и самиот имал трема пред концертот, бидејќи одговорноста да се организира еден настан во ек на пандемија, според сите задолжителни протоколи е голема одговорност.

-Со дрон направивме снимки пред и потоа, односно пред да дојде публиката, и потоа, додека траеше концертот. Сакаме јавноста да знае дека и нам, како на организатори ни е исклучително важна безбедноста и почитувањето на мерките.
Не радува што гостите по настанот ни честитаа за добрата организација, што покажавме дека и во време на Ковид-19 можеме да се забавуваме, без било кој да биде загрозен. Во иднина најавуваме уште концерти на легендарниот бенд Галија, во повеќе градови во земјава, а на седми септември во Хераклеа го организираме концертот на Нокаут, со Игор Џамбазов и Венко Серафимов како специјални гости – изјави Јовановски.

За концертот на Галија и на Нокаут, Општина Битола одвоила поддршка од 250.000 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости