Зошто ДУИ промовираше став дека подобро е да се одржат споени отколку одвоени избори следната година, што претставува оддалечување од првичната позиција на коалицискиот партнер СДСМ и доближување до позицијата на ВМРО-ДПМНЕ?
– Во ДУИ преовладува малку ставот дека, заради логистички, финансиски и административни причини, треба можеби заедно да се оди. Јас очекувам во текот на месецот да се завршат тие состаноци, но сепак преовладува мислење дека на 3 месеци, 2 изборни циклуса премногу ќе ја чинат државата – образложи партискиот потпретседател Бујар Османи.
Како што пишува последниот број на неделникот „Фокус“, ова доаѓа во време кога СДСМ и ДУИ преговараат како да настапат на изборите, но и во време кога појавија неофицијални информации за обновена комуникација меѓу ВМРО и ДУИ, па дури и за средба меѓу Али Ахмети и Христијан Мицкоски.
Дали Ахмети ќе му остане до крај верен на Ковачевски или ќе му подаде рака на Мицкоски?
Имено, доброупатени извори велат дека лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се сретнале во август годинава, кога во посета на земјава беше американскиот помошник државен секретар Габриел Ескобар, кој по официјалните средби ги собра партиските лидери на неформален прием на Кале.
Според дипломатски извори, првите луѓе на ДУИ и ВМРО тогаш се сретнале „од нога“, при што Мицкоски го реафирмирал барањето за одржување брзи предвремени парламентарни избори наесен, без техничка влада, по што би имало време да се формира нова влада пред да заврши скринингот – ноември годинава.
Тогаш, според нашите соговорници, Ахмети предочил дека би прифатил такво сценарио само ако добие амин од меѓународните партнери, во прв план САД. Но, тие не дале поддршка и советувале да се искористи периодот до редовни измени за исполнување на преземените обврски во поглед на уставните измени.
Но, дали тоа е последната средба меѓу Ахмети и Мицкоски? Или оттогаш имало макар уште една? „Фокус“ од висок партиски функционер доби информација дека двајцата се сретнале пред околу еден месец, што го потврдивме од уште една адреса. Сепак, официјално сите засегнати страни негираат.
ШТО ГОВОРАТ НЕОФИЦИЈАЛНИТЕ ИНФОРМАЦИИ?
Наводно, Ахмети му префрлил на Мицкоски зошто ВМРО-ДПМНЕ до таа мера ги фокусира нападите кон ДУИ наместо кон СДСМ како традиционален и природен ривал, порачувајќи дека и ДУИ можела да „вади афери“ за ВМРО-ДПМНЕ, но не го правела тоа.
Од друга страна, Мицкоски забележал дека ДУИ се однесувала некоректно кон нив. Прво, според него, одлучила да прави влада со СДСМ, која предводеше коалиција што освои најмногу гласови и пратеници, но ВМРО-ДПМНЕ како партија имаше и сѐ уште има најбројна пратеничка група.
Второ и побитно, Ахмети го предизвикал револтот кај Мицкоски поради операцијата за враќање на Никола Груевски. „Фокус“ во септември објави дека уште пред да поминат измените на Кривичниот законик, функционери на ДУИ брифираа дека Ахмети ги уверувал оти работи на враќање на Груевски.
Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?
Притоа, како што пишувавме, во контекст на реализација на овој план, не се споменуваа законски измени, туку одлука на Врховниот суд. Дека било така прво навести изненадувачката иницијатива за оценка за издржаноста на аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов, а потоа потврди и самата реакција на Судот.
Поради притисоците врз судот, јавно реагираше претседателката Беса Адеми, по што во посета на Судот дојде и амбасадорката на САД Анџела Агелер, која на средба со врховните судии порачала дека „судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки“.
Во ситуација кога очигледно е осуетен план на власта, спроведуван преку ДУИ за уставни измени со помош на Груевски по ист модел како со Преспанскиот договор, што подразбира повторно да се тргува со правдата и правната држава, се појавија информации дека и поранешниот премиер Зоран Заев жестоко се спротивставил на тоа.
Веќе подолг период има сознанија за комуникација и меѓу Заев и Мицкоски (веќе објавивме дека Заев му нудел пратеници на Мицкоски), која се темели на 2 точки. Едната е формирање широка влада меѓу СДСМ и ДУИ, која би функционирала според германски формат, што се чини дека веќе е надминато, бидејќи е речиси неостварливо.
Зошто Заев му нудел пратеници на Мицкоски за предвремени парламентарни избори?
Вториот пункт е токму Груевски, кој не го сака назад во земјава ниту еден од нив, бидејќи Мицкоски стравува дека може да му направи проблем во партијата, додека Заев се плаши од одмазда поради тоа што го симна од власт и го избрка од земјава, иако можеше да мине и полошо и да заврши зад решетки.
Инаку, дознаваме дека поради исти причини предметот „Феникс“ излезе од фиока и напредуваше од фаза на предистрага во истрага за перење пари во рамки на проектот „Скопје 2014“. Во рамки на овој случај, осомничен е и Груевски, што, според нашите извори, требаше да биде дополнителна бариера од можно враќање на Груевски, бидејќи предметот не е опфатен со аболицијата на Иванов.
Па, дали откако стана јасно дека Груевски барем уште догледно време останува во Будимпешта се создале услови да обновување на мостовите меѓу ДУИ и ВМРО? Ако навистина е така, тогаш ова кршење и топење на мразот меѓу вмровците и интегративците може да биде во функција на поставување фундаменти на идна постизборна коалициска соработка, која, се разбира, би ја детерминирале изборните резултати и меѓународната заедница.
Кандидати за технички премиер: Фатон Ахмети е главен фаворит, во игра може да влезе и Талат Џафери!
Влатко СТОЈАНОВСКИ