Кога приватното го прождра јавното и што понатаму? Ретроспектива на една кратка средба со „малите играчи“

by fokus

Пишува: Ивана Васева, куратор

На фестивалот Тушнадфурде (Tusnádfürdő) во Романија, во јули 2018 година, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан го најавил новиот интелектуален и културен пристап што ќе следува од септември истата година[1] , повеќето се посомневале во брзината со која денес ги решава работите и се понадевале дека нелогичноста и фанатичната желба ќе ги успорат работите, ако не здравиот разум. Исто како и најавата за криминалниот градежен зафат наречен „Скопје 2014“ во 2010 година[2] од страна на тогашната Влада на Република Македонија, кој требаше да го реизгради центарот на Скопје за само четри години. Изведувањето на овој план, не само што не застана во 2014 година туку и се прошири во сите сегменти на културата и продолжи и по ноември 2018  година, кога поранешниот премиер Никола Груевски илегално побегна во Унгарија. Она што е важно, но и застрашувачко и за двете визии е дека врската на општеството и културата е преклопена, па така „политичкиот ред мора да биде всаден во културна ера“[3], т. е. во специфична и карактеристична културна реалност која е предодредена од културни трендови, колективни верувања и општествени навики. И така настанува прекројувањето на културната политика за приватни интереси, губејќи ја целосно нејзината автономија и јавност.

Но, иако изгледа дека ваквите планови случајно се појавуваат, сепак случајноста не е толку случајна туку е резултат на системско градење, пред нашите очи. Како и изреката за црниот лебед кој никој не верувал дека постои сè додека не бил откриен така и пред нас одеднаш се појавува мастодонт кој ги разгризува основните човекови вредности. И токму затоа изгледа старо, веста е стара, нештата кои се појавуваат веќе се стари, наслушнати и познати, како мастодонтите, но на приредените зачудености, неверувања и сомнежи им нема крај.

Културната војна во Унгарија како да е започната уште во 2011 година, заедно со хомофобијата, ксенофобијата и антисемитизмот, кога и се пoјавило „едно друго (ново) лице на режимот“. Само една година по доаѓањето на Орбан на власт, интернационално познатиот режисер Бела Тар и други интелектуалци[4] се соочиле со притисоци, истраги и лични обвинувања за сметка на новоизградената армија на уметници и други соработници кои преферираат историски, патриотски теми во 19-вековен визуелен/уметнички израз. Тар се соочил и со личен притисок, па по добивањето на „Сребрената мечка“за „Торинскиот коњ“ на Берлинале изјавил дека Владата им врши притисок на одредени интелектуалци нарекувајќи ги предавници или либерали и опозиционери, но веднаш потоа ја повлекол изјавата, па повторно ја вратил. „Ние не го заслужуваме овој третман“, изјавил Тар и потоа се повлекол од снимање долгометражни играни фимови, заокружувајќи ја оваа целина со „Торинскиот коњ“[5].

Најверојатно и кога се гледа од ретроспектива, волјата на оние кои сакаат сè поголема моќ не се спречува така лесно туку само се продлабочува.  Минатата година, изложбата на Фрида Кало во Унгарската национална галерија во Будимпешта е обвинета за ширење комунизам[6] од најдесничарскиот провладин весник Маѓар Идек (Magyar Idők). Претходно, мјузиклот „Били Елиот“ од истиот весник е обвинет за „промовирање на хомосексуалност во земја која се бори со демографски предизвици“[7]. Контролата и реобликувањето на културната политика се простира и до практиката на правење изложби, па минатата година и музејот Кашак (Kassák Museum) бил нападнат поради визуелната репрезентација на политичката естетика на историски настан кој се случил на 1-ви мај во Будимпешта (133 дена Унгарска комунистичка држава). Сето ова се случува во позадината на нападот на Централно европскиот универзитет (ЦЕУ) и неговото префрлање во Виена, како и на префрлањето на канцелариите на Фондацијата Отворено општетство во Берлин поради креираната стигма или операцијата наречена „Стоп Сорос“.

Реструктурирањето на културната сфера и инфраструктура, како и моралната деградација се случува и преку доминацијата на Унгарската академија за уметности (Hungarian Academy of Arts – MMA), чија цел е да ги „зачува нашите културни вредности, а особено да ги зачува, пренесе и презентира уметничките традиции на нашата нација“[8].Потоа, преку поставување на нови директори и градење на нова културна фела, со постепено јавно бламирање на оние кои се противат, со едноставно тргање на луѓе од јавниот живот, со воведување на мерки на контрола од типот на барање дозвола од вработените во институции за јавно интервју, па сè до идеи за градење на нов музејски кварт чистејќи го делот околу замокот во Буда. Најновите вести доаѓаат од Унгарската академија за науки (MTA)[9] и уништувањето на нејзините истражувачки институти, како и на независноста на академијата и самостојното управување. Ова најпрво се случува преку агресивното намалување на буџетот во 2019 година наменет за истражувачките институти, реорганизација на мрежата на овие институти, која има околу 5000 луѓе, а сега и нивно дисперзирање и отсекување од телото на Академијата. И, тука се организираат истражувачите во Форум на академски работници (Academics workers forum), кои започнале со активности оваа година и кои веќе протестирале под мотото „ние нема да аплицираме за средства кои се наменети за нас“. Каталин Акнаи (Katalin Aknai) од Унгарската академија за науки – Истражувачки институт за историја на уметност вели дека уништувањето на културата и здравството сега се проширува и на образованието, а од 2011 година постои и Национален универзитет за јавна служба (National University of Public Service), специјално наменет за јавна администрација, кој функционира под мотото „во служба на нацијата“ („in service of the nation”).

Ви текнува? Нам од Република Северна Македонија сето ова ни се чини многу познато. Многу нешта носат сличности како да има една книга каде се испишани правила на игра, како и црна листа како да се однесуваш според нив. Но, за разлика од Груевски кој по четири години владеење почна да ја злоупотребува културата и уметноста, а сега е единствениот азилант во Унгарија додека целата негова културна армија полека си го наоѓа патот до слободата, Орбан осум години си ја градел културната стратегија до таква нијансираност и детали што неговите изградени ѕидини тешко се рушат.

Замолчување на секое критичко мислење “Why liberal is bad on so many levels”

Искористувањето на културата за засилување на популистичко-конзервативните вредности на десничарските влади, но и поради неолибералните политики и интереси е во полн ек во Унгарија, на сметка на нејзиниот јавен и еманципаторски карактер. По деведесеттите, пазарната економија почнува да навлегува во земјата од поранешниот источен блок, а денес таа веќе е мека на бизнис светот. По соработката на непрофитниот со државниот сектор во 90-тите години, кога приватниот сè уште се градел, се чини дека сега владее едно друго тројство – конзервативни вредности на владата и нивните поддржувачки бизнис партнери, растечкиот комерцијален бизнис уметнички сектор и граѓанскиот прекаријатен сектор етикетиран како либерален или левичарски. Доближувањето на двете, конзервативните и неолибералните вредности, се случува токму на  ниво на културата и создава чудна доминација на приватното, кое како да станува јавно, намалувајќи ги ресурсите  и учеството на државата. Изгледа дека идејата е културата да стане приватна сопственост и извор на поголем профит, па така доминантниот интерес во културната продукција е да се одржува на нејзината пазарна вредност.

Така, настапува културната ера на приватниот интерес: или е манифестиран во контрола на јавниот дискурс и замолчување на какво било различно размислување сè за сметка на богатење на неколкумина на власт и располагање со културата/државата како да е приватна сопственост; или е манифестиран во  богатење на неколкумина со бизнис интереси кое се случува како резултат на владината културна политика на неутрализација на политичноста на институциите и засилувањето на национал-конзервативниот  уметнички приод.  Јавниот ресурс е резервиран за новосоздадената армија на “културни работници” и е едноставно недостапен за други, па станува инка за спроведување на приватните желби како да е приватна сопственост, а содржината е или испразнета во својата идеолошко – политичка конотација или ја велича националната компонента. Од друга страна пак, пазарно ориентираниот бизнис сектор или комерцијалните галерии доминираат и се обидуваат да профитираат на сè она што не го прави јавниот сектор, или профитираат над едукацијата/еманципацијата која недостасува во институциите истовремено правејќи ја едукацијата/еманципацијата како една од нивните примарни задачи (издавање книги, едукација, соработка со независни иницијативи итн).

Во таква ситуација се јавува потребата од одбрана на јавното, но како кога веќе машините со полна пареа верглаат во прождирање на сè она што значи јавно?

За многумина бунтот се огледува во откажување на аплицирање за јавни средства како знак на тоа дека не се соработува со политиките на Орбан и во креирање на паралелен свет на функционирање, или во напуштање на земјата и продолжувaње некаде на друго место.

We are all in this s… together

Неколку луѓе од Унгарија мислат дека ако бегате од една строго контролирана средина, многу лесно ќе се фатите во некој друг кафез. Зачувувањето на здравиот разум можеби и ќе се случи со промена на географската локација, но подемот на десничарските конзервативни политики во Европа, но и во светот, не раѓа многу надеж дека некаде е полесно.  Не е полесно ни во Македонија, неодамна преименувана во Република Северна Македонија, по падот на режимот, бидејќи пипците на поранешната власт се длабоко вкоренети во институционалното фукционирање. Но, не само тоа  туку и менталитетот, начинот на фунционирање и комуникација на граѓаните е до толку постепено обликуван што денес само перпетуирањето на матното е норма и корупцијата се чини неизлечлива. (Само како податок, корупцијата во Унгарија е на третото место на најкорумпирани држави во Европа)[10].

Во Македонија, кога во режимскиот период (2006 година до 2017 година) речиси ниту една институција не се побуни од внатре и дозволи да згаснат многу програми, а и многу организации драстично намалија со активности или престанаа да постојат, сцената опстои на рамената на неколкумина, но и на неколкуте иницијативи и организации на уметници и културни работници. Во Будимпешта, пак, постојано се бараат алтернативни начини на функционирање: од создавање на еден паралелен непрофитен свет на постоење, сè до засилувањето на моќта на приватниот сектор, не само во бизнис делот туку и под замислата за едукативната улога и развојот на сцената (art quarter Budapest оди во насока на креативните индустрии[11]).  Но, можеби тоа е и разликата од една семипериферна позиција во светската економија на една европска земја[12] до една целосно периферна и самоколонизирана на културен и економски план.

Сепак, колку и да е нелогично, се чини дека овие мали прекарни иницијативи носат потенцијал за промена бидејќи се жилави и отпорни и постојано можат да се транформираат зачувувајќи ја својата идеолошко-политичка и уметничка принципиелност и етика. Сè уште се бараат најразлични модели на простори, финансиска поддршка и културна продукција во форма на нови места и мрежи на независни простори кои фунционираат на самоорганизирани основи. Без поддршка од јавни средства, т.е. одбивање на аплицирање за јавните фондови како своевиден бојкот на владините политики, и во ситуација кога владата се обидува да најде секакви начини да ги елиминира интернационалните извори на средства, многу иницијативи се обидуваат да размислат за најразлични модели кои се движат од задруги до иницијативи и организации, па сè до најпрекарни форми на работа кои идеално сакаат да бидат „независни од државата и пазарот, хоризонтални (не хиерархиски) структури, овозможувајќи општествени услуги и репрезентација“[13].

Во средината на виорот е Офф – Биенале Будимпешта кое служи како една алтернатива, мета институција за современа визуелна уметност, а Хајналка Шомоѓи, директорка на овој уметнички настан смета дека местото на ова биенале е токму во Будимпешта[14].  Имено, ОФФ се формира во 2014 година како место каде се дискутираат и разменуваат итни и релевантни теми и каде се зајакнува граѓанскиот глас, а принципите на функционирање се дека не аплицира на унгарските државни фондови и се држи настрана од државните уметнички институции. Па така, интернационалната  програма на биеналето се случува во приватни станови и празни продавници, индустриски згради, алтернативни театри и јавни места како своевиден бојкот на случувањата во унгарското општество (слично како и иницијативата Кооперација во Скопје која делуваше во периодот од 2012-2015 година), а во моментов се работи на третото издание планирано за 2020 година .

Во изминатиов период, се појавиле и помали галериски простори со цел да си помогнат на уметнциите меѓусебно да изложуваат и да се развиваат како: МУТЕ (MŰTŐ) – простор во поранешна фабрика наменет за изложување и студија, воден од уметници и куратори кои работат на интердисциплинарни начини[15] или Студио Хидегсоба  кое функционира во стан претворен во галерија, а служи и како дизајн и фото студио[16]. Тука е и ISBN – books+gallery, простор кој функционира како книжарница за нови и second-hand уметнички публикации и галерија за современа уметност со одредена структура[17], а  постојат и најразлични иницијативи како Threshold фестивалот (Küszöb Fesztivál/Кусеб Фестивал) кој создава можности за младите уметници[18]. Easttopics ја продолжува својата мисија за промоција на современа уметност (претходно само со фокус на источноевропска современа уметност) во нов простор[19], а и The Studio of Young Artists’ Association (SYAA) контрибуира колку што може во својата веќе 60-годишна мисија за да ја поттикне и одржува работата на своите членови[20].

Но, изгледа дека излегувањето од безбедната зона/меурот на специфичните фели, дисциплини и кругови може да доведе до општествена, па и културна промена. Во позадината на многу протести во Унгарија или во Будимпешта изминативе години, се појавиле и општествено ангажирани практики кои понекогаш се и уметнички, директно правејќи интрузија во јавниот простор или соработувајќи со најмаргинализираните групи во општеството, обидувајќи се ја да раскринкаат илибералната демократија во Унгарија.  Идејата на овие простори е борба за општествена и социјална правда преку партиципативни и ‘community-based research’ методи и зајакнување на човековите права на општествено најмаргинализираните групи со цел нивно учество во јавноста (сиромашни и бездомни лица, Роми, невработени, барачи на азил, самохрани мајки и лица со попречености).

Аурора (Auróra) е место за заедницата (community house) чија цел е да креира иновативна и самоодржувачка практика која го зголемува бројот на општествено активни граѓани за да го унапреди проширувањето на демократските практики во Унгарија[21]. Како место за заедницата во изминативе 6 години постои и Гоја (Gólya), која е задруга и постои врз основа на тоа што има бар[22]. Гоја е место  каде што им се помага и на бездомниците, а потребата од вакво место е голема, што се покажало и на последната фандрејзинг кампања кога успеале да соберат средства за да си купат нов простор за него. Идејата на ова место е да поттикне движење на задруги. И со двата простори соработува Габриела Чосо (Gabriella Csoszó) која ги учи бездомниците да фотографираат и има база на фотографии од речиси сите протести во Унгарија од 2010 година па наваму. Таа соработува со The School of Public Life на неформалната група The City is for All, иницијатива којa, меѓу другото, нуди бесплатна правна помош на бездомниците во Унгарија и тоа на јавен плоштад во Будимпешта. Според податоците, во Будимпешта има околу 10.000 бездомници, а последните закони наложуваат со казни тие да седат во центрите надвор од градот кои се во ужасни услови, па поради тоа се организираат и почнуваат да живеат во шумите во периферијата на градот.

Сите се исти?!

Во Унгарија се чини дека сè уште не постои можноста барем да се одбере помалото зло, иако помалото зло никогаш не е решение. Идеја за каква било политичка и општествена алтернатива е само идеја бидејќи пазарната логика веќе е параметар кој нашироко доминира како и националистичките сентименти. Многумина се и на мислење дека она што е независно и политички свесно е неповрзано и дисперзирано, без доволно сила и моќ да опстои во своите постојани реактивни акции и протести. А, тоталното одбивање на јавното и јавното финансирање  како бунт против постоечките политики може да води не само кон самомаргинализација туку и кон прифаќање на приватниот и неолиберален начин на функционирање.

Иако тоа што се случува е мало и диспрезирано, а понекогаш изгледа и дека е само оптичка илузија, здружувањето и заедничкото делување со јасна политичка визија сè уште е најсилниот противотров во една затруена средина. Сè додека не се солидаризираат културните, уметничките, истражувачките со општествените и социјалните движења, или со регионот кој се соочува со истите или слични проблеми, и додека не се изгради сериозна стратегија за понатаму, ќе бидеме бесни и разочарани затоа што сме ги изгубиле или замачкале вредностите по патот на борбата против злото,  па решението ќе биде некој да нè види од страна, да сочувствува и да дојде и да ни помогне/ги реши проблемите. А, така не градиме поинакво општество, нели? Ниту пак ќе се извлечеме од остатоците толку длабоко вкоренети во конзерватизмот, клинетелизмот или корупцијата, ниту пак ќе направиме суштински политичко – идеолошки промени, туку ќе живееме во уште подлабока не само оптичка илузија.

 

[1] “This is now the task we are faced with: we must embed the political system in a cultural era. This is why it is logical – and in no way surprising – that it is precisely in the field of cultural policy that we have seen the explosion of what is currently the most intense debate. This occurred almost immediately after the election; anyone who follows political debate in Hungary will understand what I’m talking about. I think that this is understandable and in order, because after the third two-thirds victory we really need to adopt a spiritual and cultural approach; and there is no denying that from September major changes lie ahead of us.” In http://www.kormany.hu/en/the-prime-minister/the-prime-minister-s-speeches/prime-minister-viktor-orban-s-speech-at-the-29th-balvanyos-summer-open-university-and-student-camp

[2] The announcement can be seen on https://www.youtube.com/watch?v=iybmt-iLysU&t=2s

[3] Ибид.

[4] http://hungarianspectrum.org/2011/02/22/kulturkampf/

[5] https://www.dw.com/en/hungarian-intellectuals-face-government-pressure/a-14903314/

[6] https://frieze.com/article/frida-kahlo-exhibition-accused-far-right-newspaper-promoting-communism

[7] http://www.erstestiftung.org/en/surreal-dance-billy-elliot-budapest/

[8]http://politicalcritique.org/cee/hungary/2017/hungary-art-protest-culture/; https://nemma.noblogs.org/2012/12/09/about-his-blog/

[9] http://hungarianspectrum.org/2019/02/06/the-agony-of-the-hungarian-academy-of-sciences/

[10]https://index.hu/english/2019/01/29/transparency_international_corruption_perception_index_hungary_2018/

[11] https://www.aqb.hu/

[12] http://www.erstestiftung.org/en/beyond-cultural-war/.

[13] Ибид.

[14] https://offbiennale.hu/en

[15] http://www.mutogroup.hu/

[16] https://www.facebook.com/hidegszobastudio/

[17] https://www.isbnbooks.hu/en/

[18] https://kuszobfesztival.wordpress.com/

[19] https://www.easttopics.com/

[20] http://studio.c3.hu/syaa-studio/?lang=en

[21] http://auroraonline.hu/

[22] http://golyapresszo.hu/?lang=en_us

Поврзани новости