Кога прашува каде е мајка му, немам збор, ни одговор: Музичарот Мики излезе на сцена со синчето Благоја!

by Fokus

Само сликата твоја остана, чедото си ја милува, и кога прашува каде е мајка му, немам збор, ниту одговор- ова се дел од стиховите на новата песна на кавадаречкиот музичар Мики Тралала, насловена ,,За тебе најмила” со која настапи минатата недела на Прилеп Фест, а на сцената со него за првпат се појави и неговото синче Благоја.

Додека се нижеа стиховите, во позадина на видео бим се прикажуваа фотографии од Тања Маџунков, фолк пејачка и сопруга на Мики со која пред седум години го добија синчето Благоја, а која почина во јуни на 33-годишна возраст, по битката со карцином.

Песната посветена на Тања е фолк балада, чиј комплетен автор е Васко Ристов, а Мики за ,,Фокус” раскажува дека го стегнал срцето пред да излезе на бината, и достоинствено, со песна, и оддал почит на сопругата.

-Песната е жива емоција, и додека настапував, посебно откако и Благоја застана до мене на сцената, ги забележав солзите на публиката. Но, го стегнав срцето, ги отпеав сите стихови до крај, цврсто, така како што и Тања би сакала да биде.

Благоја, иако е мал, добро знае што се случува и што значеше овој настап, во чест на неговата мајка. ,,За тебе најмила” е дело на Васко Ристов, и стиховите ја доловуваат нашата сегашност, животот кој го имаме откако Тања не е повеќе со нас, вели музичарот.

Додава дека продолжува и со хуманитарни акции, и дека во процедура е отворање на Фондација за помош на лица болни од карцином.

-Периодов во тек е акција за донирање на топла облека и обувки за деца од социјално загрозени семејства, и одзивот е одличен, наскоро донациите ќе бидат однесени на вистинските адреси. Оваа акција следи по првата, кога на почеток на школската година собравме стотици ранци и училишен прибор, кој исто така заврши таму каде имаше најголема потреба, вели Мики.

Тој е присутен на сцената долги години, а со сопругата настапуваа заедно како дуо Тања и Мики Тралала и беа иницијатори и организатори на повеќе хуманитарни акции.

Вики Клинчарова

Поврзани новости