Кај непријателите, секогаш се радуваме дури и на најмал знак на неслога. Па, по таа логика, ако во политичарите гледаме само непријатели на граѓаните, зар не би требало народот да се радува на кавгите меѓу политичарите и зар не треба да бараме бенефити од политичката фрагментација, од партиското раситнување и од кадровските поделби?
Пишува: Нено БОГДАН
Секој што има афинитет кон која било политичка опција, секогаш се радува кога ќе чуе дека во редовите на противничкиот табор се случуваат кавги и расколи, но, исто така, многу му е мака кога ќе чуе и дека во редовите на политичката дружина кон која има симпатии, битните луѓе од кои очекува сложно да се борат за интересите на таа политичка опција, едни на други почнале „очи да си вадат“, редовно за некои тривијални поводи и изговори, зад кои се кријат многу често, речиси секогаш лукративни причини.
Тие, пак, што немаат афинитет кон ниедна политичка структура, кога ќе чујат дека во некоја си таму партија се во тек внатрешни превирања, само одмавнуваат со рака, резигнирано коментирајќи дека токму затоа и не ги интересира политиката, оти сѐ се сведува во тој свет на меѓусебни обвинувања, сплетки и интриги.
Секогаш кога во редовите на „нашите“ има кавги што може да доведат до раскол, се упатува повикот „да се обединиме“ или „да останеме сложни“ или „ајде сега за тоа говедо да не ја растураме коалицијата“ или „да не го ситниме отпорот“.
Кога, пак, во редовите на противникот има расколи, секогаш се надеваме дека таа партија е конечно пред распаѓање, дека е полна со вакви или онакви „–исти“ (бранковисти, груевисти, заевисти, мијалковисти и слично) поделени во некаквиси групи, лобија, фракции, крила (рурални или скопски, радикални или прагматични), кои се про-вакви или анти-онакви, и сиот тој хаос се надеваме дека ќе резултира со пукање на тиквата во таа политичка организација, која ја мразиме од дното на душата и тоа редовно е придружено со слоганот „таа и таа партија пропаѓа, тоа ми се допаѓа“.
Кој се радува на такви работи, во последниве недели има многу причини за радување, оти се чини како секоја партија и коалиција да се тресе, клати и распаѓа однатре.
СЛОЖНИ КАКО БРАЌАТА… КАИН И АВЕЛ
Баш деновиве се реактуализираше судирот во редовите на ДУИ, каде што почнаа едни со други да се ословуваат скараните сопартијци со терминот „болви“, за кои ете не вредело да се запали цел јорган.
Од партијата на Христијан Мицкоски, кој веќе ни сам не знае со кого сѐ е скаран (со Стевчо, со Данела, со Грујо тврди дека не се среќава никогаш, иако ептен често оди во Будимпешта) ја обвинија партијата Левица дека демек почнала да соработува со СДСМ во рамките на Советот на град Скопје, и по таа основа луѓето лојални на Димитар Апасиев, според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, биле обични „фолиранти“. А до вчера заедно влада ќе уриваа!?
За ВМРО-ДПМНЕ, пак, кружи тврдење дека грст пратеници од нејзините редови наскоро ќе му свртат грб на Мицкоски и ќе гласаат за уставните измени, а таков сличен грст пратеници се споменуваше и во неодамнешните шпекулации, според кои, во СДСМ се спрема раскол со група од неколку членови на парламентот, кои ќе ја напуштат владината коалиција откако тоа од нив го побарал Зоран Заев, со цел да му се нанесе фатален политички удар на актуелниот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Конечно, некогашниот сдсмовец Максим Димитриевски амбициозно најави дека неговото движење ќе прерасне во партија што ќе има решавачка улога на следните избори, кои можеби ќе ги има веќе оваа пролет, како што навести дека би можело да се случи Павле Трајанов, што е сосема спротивен став од оној на човекот со кого е во коалиција, премиерот, кој во повеќе наврати категорично потврди дека избори ќе има вгодина и точка!
Бонус, дури и кај албанските национални прашања, тема за која партиите од албанскиот блок се традиционално сложни како браќа, почнаа да се појавуваат пукнатини, кога од партијата Беса најавија дека нема да одат во Тирана на средбата што албанскиот премиер Еди Рама ја свика и на која ги покани претставниците од сите албански партии во нашава држава. Значи, можеби сѐ уште се тие сложни како браќа, само што тие браќа се… Каин и Авел, кои според Библијата толку се замразиле што едниот го убил другиот.
Секој со секого е скаран, секој секому му е лут, секој кај секој друг гледа некаква вина, секој на секого очи ќе му вади, крв ќе му пие и тилот ќе му го види. Тоа на прв поглед е лошо зашто неслогата секогаш е лоша работа. Ама само кај пријателите, но не и кај непријателите, кај кои секогаш се радуваме, дури и на најмал знак на неслога.
Е па по таа логика, ако во политичарите гледаме само непријатели на граѓаните, кои иако тврдат дека се борат за интересите на народот, ама само гледаат преку грбот на тој народ да профитираат, зар не би требало народот да се радува на кавгите меѓу политичарите и зар не треба да бараме бенефити од политичката фрагментација, од партиското раситнување и од кадровските поделби?
КАВГАТА Е ЗНАК НА ИСКРЕНОСТ
Прв и очигледен бенефит од тоа да се караат јавно и да се делат отворено едни од други до вчера сложните политички браќа е што тоа е јасен доказ дека дошло до значително зголемување на искреноста во комуникацијата меѓу нив. Да, јавноста никогаш нема да ги чуе вистинските причини за расколот, кои најчесто се од лукративна природа (не му дал едниот од нив удел од провизијата во некој тендер на другиот или слично), арно ама, сепак, е исчекор во позитивна насока, кога веќе не глумат дека се согласуваат во сѐ.
Ова не е тривијален бенефит. Напротив, еден од основните извори на информации што генерираат скандали и афери во медиумите, е кога ќе пукне тиквата во некоја партија, па едни со други се озборуваат партиските алапачи и доставуваат до медиумите доверливи документи, кои да немаше раскол во партиските редови, јавноста никогаш немаше да ги види.
Ова е аналогно на светот на организираниот криминал, каде што главен извор на полицијата за информации и дојави за криминалните активности се токму оние криминалци, кои преку кодошење сакаат, или да стекнат некакви поволности за себе кај органите на редот, или да им наштетат на конкурентите за повисока позиција во хиерархијата на бандата.
На пример, вториот човек во мафијата ќе го исцинкари првиот човек, со тоа што ќе му каже на некој инспектор кога и каде шефот ќе може да биде фатен на дело додека врши некој тежок злочин, и така, главатарот ќе биде уапсен и ќе заглави в затвор, а вториот човек ќе го заземе неговото место.
За да не му се случи и нему истото, та неговиот заменик да го предаде него за да му ја земе позицијата, тој редовно ќе дава ситни риби, мали криминалци, кои ќе ги мести одвреме навреме, баш за да бидат фатени од полицијата, која така ќе има успеси и резултати, па нема него да го пипа, дури и ако добие информација од вториот човек во врвот на бандата за криминалите на првиот човек.
Е па, во политиката, аналогни на криминалците се политичарите, на бандите пандан се партиите, а полицијата е народот, гласачите и јавноста. Кога едни со други се мразат политичарите, тие ѝ доставуваат пикантерии и скандали на јавноста, и така народот знае на кој политичар да му даде шут-карта.
Кога некој мафијашки клан ќе се растури и ќе се подели на два дела, тоа е златна можност за полицијата да добие компромитирачки информации од двете фракции едни за други. Логиката кај криминалците е, наместо едни со други да војуваат и да ризикуваат, помудро е да ги искодошат своите довчерашни соборци кај полицијата, па таа да ги апси и лови и прогонува, и така да го чисти теренот од конкуренцијата. Така треба народот да гледа и на партиските расколи, кои се златна шанса јавноста да дознае за многу скриени валканици што излегуваат на виделина, кога довчерашните сопартијци си отвораат афери едни на други.
БЕЗ РАСКОЛИ НЕМА КОНКУРЕНЦИЈА
Вториот бенефит на партиската фрагментација, на цепкањето на големите партии на помали, е што тоа помага да се зголеми бројот на учесници на политичкиот пазар. Секој монопол, или квази-монопол секогаш во секоја сфера има идентични последици: висока цена плаќаат потрошувачите, а добиваат низок квалитет на услугите и производите.
Многу години кај нас имаме три одделни пазари за политички услуги, и на секој од нив доминираше монополски по една партија. Кај Албанците тоа беше ДУИ, кај прозападно ориентираните етнички Македонци тоа беше СДСМ, а кај суверенистички ориентираните етнички Македонци тоа беше ВМРО-ДПМНЕ.
Со тие три монополи на три посебни пазари каде што муштериите обично се редовни и не бараат поинаква стока, резултатот беше редовно страшно високата цена што граѓаните ја плаќаат за страшно нискиот квалитет на владеење што го нудат партиите.
Но, од пред некое време, во албанскиот блок на монополот на ДУИ му прават притисок и малите албански партии, а и внатрешните бунтовници против актуелното раководство, кај суверенистите сѐ поголем дел од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ сѐ повеќе гледаат со симпатии кон новиот провајдер на патриотски услуги, партијата Левица, а кај СДСМ најтешко ќе се урне монополот зашто на партијата што наскоро ќе ја основа Максим Димитриевски, тешко ќе ѝ биде да глуми поголема сервилност кон Западот, од онаа ултрасервилна сервилност која долна граница нема кога ја практикува СДСМ. Треба Максо некако да ги убеди проевропските гласачи дека и без коленичење пред амбасадорите се може во ЕУ, но тоа ќе биде тешко.
Сеедно, со фрагментацијата секоја нова политичка партија добива простор да понуди свој уникатен модел за доставување на политичките услуги и продукти што ги бараат трите пазари. Ние не можеме да знаеме сега што ќе даде најдобар резултат, тоа е можно да се дознае само откако ќе се појават понудите на пазарот и тој, пазарот, т.е. народот ќе одлучи што му фаќа око и за кого ќе го даде својот глас. Поголема конкуренција значи и пониски цени и повисок квалитет.
Воедно, зголемувањето на политичката конкуренција преку зголемувањето на партиската фрагментација ќе помогне и да се исчисти политичкиот простор од разните кадровски паразити, кои самите на избори не вредат ни пет гласа, но на листите на големите партии редовно биваат избирани во парламентот или во општинските совети.
Кога партијата има монопол и огромен број гласачи ѝ се гарантирани, лидерот може да стави свои полтрони и послушници на добитни позиции на кандидатските листи, без да му е гајле за тоа дали тие кадри народот ги сака или не, дали самите носат екстра гласови за партијата или не. Но, кога има силна и жестока конкурентска борба, кога ниту еден глас не е гарантиран, тогаш лидерот, на листите мора да става само луѓе што навистина самите вредат и самите носат гласови. Со тоа, паразитите ќе излезат од игра.
– Маче, ај стај ме на добитна позиција на изборната листа, те молам! – му вели заводливо спонзорушата на лидерот.
– Ако те ставам тебе срце, нема да има место за Перо, а он знаеш дека е многу популарен, ќе привлече многу апатични и разочарани гласачи, сепак, да излезат да гласаат за нас – ѝ одговара лидерот на својата швалерка додека ги крои изборните листи.
– Ама и јас сум популарна, маче, па нели ме сакаш барем ти!? – се гали спонзорушата.
– Популарна си ти, ама само во мојот кревет, па кога ќе дојдеме на власт, има да те ставам во некој управен одбор или во некое регулаторно тело. Ама на избори, срце, мораме да одиме само со популарни кандидати меѓу народот, инаку нема да победиме! – ѝ одговора лидерот, и ја остава да сонува швалерката за некоја директорска позиција во некое јавно претпријатие по победата.
СПЕКТАР НАМЕСТО ПОЛОВИ
Ако на политичката сцена нема партиски полови и празен простор меѓу нив, тогаш нема да има ни поларизација со сета омраза што ја создава тој тип на остра поделба. Па, фрагментацијата на партискиот простор го има тој трет бенефит што помага половите да се разводнат и да се растворат на цел еден спектар каде што постепено од лево кон десно, од глобализам кон суверенизам, ќе се изнаредат десетина опции, секоја за нијанса различна од соседните партии, и тука граѓаните ќе може да избираат како од мени која партија им одговара по вкусот, наместо да имаат само два избора, два пола и да мора да избираат или едната партија со сите ѝ мани, или другата партија со сите ѝ недостатоци.
Аналогно на тоа е кога купуваш сендвич, сам да си избереш колкава плескавица да има, колку компирчиња, колку и дали воопшто да има кечап, сенф, мајонез, салата, краставички и кашкавал, наместо да мораш да јадеш цел сендвич што некој друг го составил за тебе.
Ако има само два сендвича на менито, или едниот, или другиот ќе го јадеш, колку и некои додатоци во нив да не ти се допаѓаат. Ако има 20 различни сендвичи на менито, поголеми се шансите да најдеш некоја комбинација на состојки што баш ќе ти биде по вкус.
Друга аналогија би било ако мораш да купуваш готова облека од конфекција, па ако немаш тело со стандардни димензии, да мораш потоа да кратиш ракави или ногавици само затоа што си купил поголем број зашто си дебел. Но, ако купуваш облека што ти се крои во салон по мерка, од старт добиваш нешто што ќе ти стои како скроено, оти навистина и е скроено.
Политичката фрагментација значи не е нешто лошо и нема потреба да посакуваме „да се обединиме“ или „да не го ситниме отпорот“. Слободно нека се караат политичарите едни со други и нека се делат, затоа што само додека политичарите се држат едни со други за гуша, народот може да дише слободно.