Пишува Зоран ДИМИТРОВСКИ
Никола беше храбар новинар, исклучителен менаџер и најостроумниот интелект што сум го запознал. Ми беше пријател и колега и јас ја имав честа да работам со него долги години. Бевме блиски соработници во „Млад Борец“, кој најмногу по негова заслуга, 1989-1990 г. ги уриваше режимските монополи во политиката и медиумите и ги расветлуваше црните петна на комунистичката историја на Македонија.
Бевме заедно и од почетокот на „Фокус“ во 1995 година кој го почнавме како „неделник на надворешниот и внатрешниот непријател“. Со Младенов со кој сме родени во ист ден, ист месец, иста година, во „Фокус“ соработувавме речиси 10 години.
Никола беше уредник за кој слободата на изразување не беше мртво слово на хартија, туку и во миговите кога со соработниците и колегите во редакцијата имаше сосема спротивно мислење за дневната политика, ги оставаше слободно да си го кажат својот став, не наметнувајќи го својот. Тој велеше „ние сме трибина на демократијата“, весникот и медиумот треба да биде буквално платформа на слободата на јавниот збор.
Младенов беше доволно храбар да биде првиот и сите ние да го следиме, во времето кога на Централниот комитет се водеа расправи за тоа како се пишува во „Млад борец“, кога буквално немаше никаква слобода на јавниот израз и немаше ниту еден слободен медиум, ниту еден слободен новинар.
Никола Младенов умееше да го предвиди доаѓањето на демократијата и тој беше еден и од лидерите на таа демократија. Со други зборови во тој период немаше ниту толку храбри политичари кои ќе поведат напред, а Никола Младенов како лидер на „Млад борец“ си ја презеде таа улога врз своите плеќи. И подоцна, во „Фокус“ во 95-та година имавме комплетно иста ситуација, повторно имаше монопол во информирањето.
Никола знаеше дека ќе биде тешко, но се боревме заедно и во средината на 90-те „Фокус“ беше единствената светла точка во македонските медиуми. Никогаш слободата не може да биде идеална, секогаш ќе има проблеми, но овие периоди на развојот на „Млад борец“ и на „Фокус“ се буквално единствени во македонската историја, кога еден новинар бил водач на борбата за демократијатa.
Не можам за него да зборувам во минато време, зошто тој беше полн со живот и визии за иднината. Никола Младенов е меѓу ретките светли точки на македонското новинарство од времето на падот на поранешниот систем и осамостојувањето на Република Македонија.
Кога многумина од денешните т.н. борци за демократија беа платеници на бившиот едноумен режим, Младенов беше сам на спротивната страна, бидејќи за него немаше отстапка кога се работеше за професионалната максима дека новинарот треба да биде опозиција на секоја власт.
(Текстот е од веб архивата на Фокус)