Кога ми ги „чепна“ децата, решив да го пријавам, вели неготинскиот градоначалник за момчето осомничено за демнење кое заврши во притвор!

by Fokus

Осумдневен притвор му е одреден на неготинецот против кого Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка поради основано сомнение дека извршил кривично дело – Демнење согласно член 144-а став 1 од Кривичниот законик, за „Фокус“ потврдија од кавадаречкото Обвинителство.

Случајот вчера се најде во центарот на вниманието на јавноста, бидејќи момчето на возраст од 28 години е осомничено дека го демнело неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов, а демнењето започнало уште пред околу пет месеци.

- Advertisements -

Како што потврдија од Обвинителството, против осомничениот се води претходна кривична постапка за присилба, во која кон него биле изречени и мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана за воспоставување комуникација со оштетениот градоначалник и неговата сопруга и деца.

Наспроти ваквите мерки определени од Судот, осомничениот продолжил да го контактира градоначалникот и да му се заканува, предизвикувајќи кај него чувство на несигурност, вознемиреност и страв за неговата и за сигурноста на неговите блиски.

Градоначалникот Стојанов за „Фокус“ вели дека уште од месец септември минатата година започнал целиот случај. Осомничениот во повеќе наврати се обидувал да воспостави со него несакан контакт, му испраќал пораки, линкови и фотографии со заканувачка содржина и се обидувал да го принуди да ја повлече кривичната постапка.

– Вознемирувањето траеше долго време, значи уште од минатиот септември. Се случуваше да добивам пораки и на полноќ, и во еден наутро. Кога осомничениот ми го „чепна“ семејството, кога започнаа пораки во кои се пишуваше за моите деца, во стилот „Имаш деца“, не можев, а да не реагирам до надлежните институции.
Бев загрижен за мојата, ама пред се за сигурноста на моите деца. Дури и откако му беше изречена забрана за комуникација со мене и моето семејство, тој продолжи со вознемирувањето. Јас извршувам јавна функција, да, но да се вмешуваат деца и семејства на јавни функционери и истите да се плашат за својата безбедност е нешто недозволиво! Оставам институциите да си ја завршат својата работа, а случајот, како што кажав, го пријавив, бидејќи очигледно лицето немаше намера да запре со вознемирувањето – вели д-р Стојанов.

Од кавадаречкото Обвинителство пак, соопштија дека поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Судот во Неготино го прифатил предлогот и со решение определил притворска мерка за осомниченото лице.

Вики Клинчарова

Поврзани новости