Круцијалното прашање не е кој е ментор, односно чиј проект е кметицата на Скопје, тие се познати – актуелниот премиер и владејачката партија! Клучниот проблем се граѓаните што гласале како што им диригирале од партискиот штаб. Ако лидерот вели дека магарето лета, чипираните партиски војници се согласиле дека лета, макар и ниско.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Поради комуналниот хаос и еколошка катастрофа на главниот град, во средината на овој месец, градоначалниците на скопските општини, на координативен состанок предложија до владата одземање на ингеренциите на две градски јавни претпријатија и предавање во надлежност на општините.
За проблемот со нефункционирањето на Скопје се обвинува градоначалничката Данела Арсовска, која на оваа функција дојде по локалните избори во 2021 година, исклучиво со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Набргу тиквата пукна со меѓусебни препукувања за „брцање на рачињата во медот“ околу тендерот за пречистителната станица, но и во врска за негласањето од советниците на ВМРО-ДПМНЕ на проекти за јавниот превоз.
ТИТО И ФАЗАНИТЕ
Круцијалното прашање не е кој е ментор, односно чиј проект е кметицата на Скопје, тие се познати – актуелниот премиер и владејачката партија! Веројатно верувале во неа, но направиле лоша проценка и тука завршува приказната за нивната одговорност.
Клучниот проблем се граѓаните што гласале како што им диригирале од партискиот штаб. Ако лидерот вели дека магарето лета, чипираните партиски војници се согласиле дека лета, макар и ниско.
Уште пред четириесетина години, Џони Штулиќ и рок-групата „Азра“, со песната „Кога фазаните летаат“, пророчки најавија дека на Балканот ништо добро нема да се случи по падот на социјализмот. Комунистичките еветефендии ќе ги наследат некои нови послушници, нови фазани, кои само ќе ги променат пердувите.
Во едно интервју, авторот на песната кажа анегдота, која му била инспирација да ја напише. Имено, Јосип Броз Тито бил на едно ловиште, со веќе подготвено јато фазани за отстрел. Кога го пуштиле, со старските треперливи раце нанишанил, но промашил. Истото му се случило и со второто и третото подготвено јато фазани. Тогаш еден од свитата придружници извикнал: „Па, тоа не е можно. Тоа мртви фазани летаат“!
Со песната за „мртвите фазани што летаат, а ниту еден не паѓа“, уште пред четири децении беше предвидена денешната стварност. Без партиско членство речиси невозможно е да се вработи на државни јасли, лапне тендер, напредува во кариерата или да се стекне општествен статус.
За возврат мора да се биде послушен и беспоговорно да се извршуваат партиските обврски, од задолжително присуство на состаноци, прослави, протести и лепење плакати, преку спонзорирање со сендвичи, гориво и парични донации, до врбување на партиски следбеници од семејството, роднини, колеги, познаници, како и обезбедување сигурна квота гласачи.
МАЛА БАРА, МНОГУ КРОКОДИЛИ
Во спротивно ќе се обере бостанот, бидејќи ако изгуби партијата, со неа во пакет оди и членството, а тоа по автоматизам значи и работното место, статус, позиција, власт! Башка, лажниот ореол дека се некој и нешто, умни, способни, заслужни за партијата и народот.
Просто и јасно: единствено што треба да знаат е дека мора да гласаат за партијата, затоа што се нејзини клиенти. Сѐ што стекнале им го овозможила партијата, а тие на неа ѝ се оддолжуваат затоа што се партиски војници. Свесни се дека партијата може без поединци, но тие без неа никако!
Мала бара, полно крокодили. Мора да се научи перфектно да се плива и да не се дозволува проголтување од поголемите „риби“. Да биде како ќе каже партијата. Тој што не му се допаѓа, може да си замине, има клиенти што чекаат на прагот од штабот.
Новите властодршци од трите статус кво партии потсетуваат токму на метафоричната песна за препарирани птици. Тие се полнети, копија на реалноста. Нивните тридецениски квазиреформи се сведуваа на промена на „партиската капа“, но не и содржината под неа. Самозалажувања дека реформите можат да се извршат со некакво „фризирање“, кое волшебно ќе ја промени целата фасада и суштина на државата.
Нa неопитните партиски членови и тврдокорните функционери, кои велат дека „магарињата не летаат“ и оние што се сомневаат дека тоа е можно, им се свири фајронт, односно се екскомуницираат од сите кадровски листи и комбинации.
Ако штабот одлучи да се гласа за врзано магаре, „партиските војници“ беспоговорно ќе постапат по наредбата. Едноставно, клиентелистичката мрежа е пирамидална партиска структура со патрон (лидер) на врвот и клиенти (брокери) на пониските хиерархиски нивоа. Димензиите на овој процес најсликовито ја изразува следната проекција: од 160.000 вработени во јавниот сектор, околу 130.000 се активно вработени и околу 30.000 со договор на дело. Најголем дел или барем секој втор е со партиска членска книшка.
Клиентелизмот стана најпозната метода и техника за партократско заробеништво на државата и општеството, кој може да се дефинира како метаорганизација и институционализација на системската корупција. Затоа, со него можат и „магариња да летаат“!