Ако те пишале во тефтерчето патот кон успехот, фотељата, власта и моќта ти е загарантиран. По партиска координација и меѓупартиска делба на функциите и позициите патот на оние впишани во тефтерчето кон судот , обвинителството, нотаријатот, министерствата, управата и јавната администрација им е отворен.
Пишува: Звонко Давидовиќ
Книгата е најдобриот пријател, прозорец кон светот, извор на знаење, рекле старите. Со книгата ја оплеменуваш душата, можеш да патуваш и во вселената, да бидеш каде што ќе посакаш, да бидеш се што ќе посакаш.
За жал се помалку се чита, се помалку книгата е извор на знаење, прозорец кон светот, пат кон успехот. Книгата и нејзиниот мирис, испишаните страници и превртувањето на листовите го заменија интернетот, маусот и скролањето на интернет страниците.
Знаењето и мисловниот процес го заменија инстант знаењето и сервирани решенија за кои воопшто не е потребно да се вклучи мозокот.
Некогашните енциклопедии и друга литература и вложениот напор да се одговори на прашањето кое сме го поставиле , поминатиот пат до решението и прочитаните страници и страници ни го “остреа” и мозокот,и расудувањето и мисловниот процес.
Заклучокот и одговорот кој по таквото истражување го добивавме беше наш, беше производ на нашата мисла, нашата логика. Денешните инстант одговори и решенија кои ни се нудат на интернетот не се наши, тие се производ на нечиво туѓо размислување и истражување, а ние ги добиваме со еден клик без да го вклучиме и мозокот и мисловниот процес.
ШУПЛИВО ЗНАЕЊЕ СОЗДАВА ШУПЛИВИ ЛУЃЕ
Станавме мрзливи луѓе кои сакаат инстант одговори, инстант решенија, луѓе папагали кои повторуваат туѓи мислења и кои немаат свои ставови. Станавме, најголемиот дел, чест на исклучоците, позери, луѓе папагали кои повторуваат она што го слушнале без да знаат зошто е тоа така или како е добиен таквиот одговор. Шупливо знаење создава шупливи луѓе, шупливи општества.
За оние кои не се снаоѓаат со книгите, за оние кои не читаат, не го сакаат ни интернетот, измислиле книшки. Книшката е денес пат кон успехот, извор на знаење, прозорец кон светот и услов за позиција, а и извор на богатство. Тие сето свое знаење го црпат од лидерот на клубот на книшки, наречен партија.
Мислата на лидерот е и нивна мисла, партиската парола е нивна мантра, книшката нивна библија, а билбордот нивен олтар. Тие, со книшките немаат никакво знаење, дури ни шупливо, не им е ни потребно, ниту се бара. Доволно е да имаат доволно еластичен рбет кој лесно се витка, доволно меморија за да ги научат неколкуте партиски пароли и силни лакти да се пробијат низ партиската глутница до врвот.
А и самата партиска врхушка несака умни луѓе, луѓе со знаење и свој став и мислење , затоа што со таквите не се владее онака како што тие сакаат, на збор без дела и визија. Книшката носи позиција, вработување, можност за брзо богатење, недопирливост и неважење на законите кои важат за оние без книшки.
Тие со книшките пак за себе и своите блиски измислиле тефтерчиња. Тефтерчето е тек пат кон успехот и кариерата,, тефтерчето е список на елитата која треба да се смести во функционерски фотељи по различни основи, роднински, пријателски, партиски, деловни или интимни.
ТЕФТЕРИ И СПИСОЦИ
Ако те пишале во тефтерчето патот кон успехот, фотељата, власта и моќта ти е загарантиран. По партиска координација и меѓупартиска делба на функциите и позициите патот на оние впишани во тефтерчето кон судот , обвинителството, нотаријатот, министерствата, управата и јавната администрација им е отворен.
Покрај тефтерите , во кои е добро да ти е впишано името, постојат и списоци во кој е лошо ако ти е впишано името. Тоа се списоци на неистомисленици, противници и опоненти на власта на који по впишувањето во списокот , патот кон обвинителството, судот и воспитно поправните установи им е отворен.
Кога книгите ќе стивнат, замолчува и знаењето и интелигенцијата, нема напредок ниту иднина. Таму каде што книгите стивнале, а тефтерчињата зборуваат државата и институциите се заробени, правниот систем е разнебитен, партијата се слави а корупцијата царува. Таму сме ние…..