Кога ќе влеземе во ЕУ, од оптимистички 6 години до песимистички 15 години

by fokus

Македонија веќе 16 години сонува да стане дел од европското семејство, односно толку помина од денот кога ја поднесовме апликацијата за членство во ЕУ. Денес, пак, кога веќе се знае дека на зима и официјално ќе ги почнеме преговорите, со отворање на првото поглавје, прашањето кое се наметнува е: Колку време ќе преговраме, односно за колку години ќе станеме полноправна членка на ЕУ?

Искуството покажува дека на дел од земјите им требало од три до шест години за да станат членки на Европската унија, но на дел им требало многу повеќе.

Преговорите најбргу ги завршиле Словачка, Малта, Летонија и Литванија, кои официјални започнаа да преговараат со ЕУ во февруари 2000 година, а сите поглавја ги затворија во декември 2002 година. Овие четири земји станаа членки на ЕУ на 1 мај 2004 година, во таканаречениот „голем бран” на проширување.

Истовремено, членки на Унијата станаа и Чешка, Естонија, Кипар, Унгарија, Полска и Словенија, кои ги отворија пристапните преговори на 31 март 1998 година, а ги затворија во декември 2002 година.

Но, секоја следна нова членка на ЕУ се соочува со феноменот на се подолги преговори пред влезот во Унијата. На пример, на Бугарија и требаа малку повеќе од 4 години, а на Хрватска, која преговараше веднаш по неа, речиси 6 години само за преговарачкиот процес, без времето неопходно за ратификација на договорот за пристапување. Поточно, Хрватска во јуни 2004 година се стекна со статус на кандидат за членство, а официјално преговорите ги започна во октомври 2005 година и ги затвори во јуни 2011 година. Официјално, Хрватска стана членка на ЕУ на 1 јули 2013 година.

Црна Гора и Србија веќе преговараат подолго отколку Хрватска, а преговорите не се ни блиску до затворање.

За Македонија, проценките се движат од оптимистички 6 до 7 години, до песимистички 15 години.
Процесот на преговори, во согласност со новата методологија, ќе се води зa триесетина поглавја поделени во 6 кластери– основни вредности (фундаменти), внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси и земјоделие и надворешни односи.

Клучен фокус во преговори со ЕУ ќе биде ставен на првиот кластер, фундаменти, односно владеењето на правото, функционирање на демократските институции и засилена контрола на економската реформска програма. Со нив ќе започнуваат и ќе завршуваат преговорите, односно овој кластер се отвора прв, а се затвора последен.

Доколку реформите се движат во посакувана насока, еден кластер може да се отвори и да се затвори за период од една година, освен првиот. Ова математички би значело дека доколку реформите се спроведуваат добро, сите шест кластери би можеле да ги затвориме за шест години. Но постои и пократок начин. Поточно, методологијата не ограничува паралелно, во исто време, да бидат отворени и да се преговара за два или повеќе кластери.

Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека со добра стратегија, тој очекува до 2024 година да бидат отворени 80 проценти од поглавјата за ЕУ, а за вкупно шест години да ги завршиме преговорите.

Во преговорите ќе биде вклучен голем тим на луѓе кои ќе го водат и координираат пристапувањето во ЕУ. Ќе ни бидат потребни стотина експерти, кои би ги покривале сите 35 преговарачки поглавја, поделени во 6 кластери.

В.В.

Поврзани новости