Министерството за култура ги направи сите подготовки и целиот елаборат во врска со отворање на МКЦ во Благоевград, кој потоа беше доставен до Министерството за надворешни работи. Меѓутоа, Бугарија ќе оди на избори во првата недела на април. Штом ќе завршат изборите, ќе можат да продолжат разговорите на долгорочна основа во однос на тој дел, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот напомена дека и министерот за надворешни работи има разговарано со неговиот колега од Бугарија околу отворањето на МКЦ во Благоевград, но Бугарија во моментов работи со техничка влада.
-Проценките беа дека ќе успее таму да се направи политичка влада, со која ќе може да се разговара подолгорочно, меѓутоа Бугарија повторно ќе оди на избори во првата недела на април. Штом ќе завршат со нивното политичко екипирање и со изборите, ќе можат да продолжат разговорите на долгорочна основа во однос на тој дел, рече Ковачевски по посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, одговорајќи на новинарско прашање.