Кога ќе помислиме дека ни е тешко, треба да се сетиме дека на други им е и потешко

by Фокус

Секому сопствените проблеми му се чинат најголеми, и секој за своите маки се секира најмногу. Да им објаснуваме на Украинците, Суданците, Израелците, Палестинците и Либанците дека ние, Македонците си имаме мака со бугарските барања за уставните измени или дека рамковните вработувања не се оптимален начин за пополнување на јавната администрација, тие, или нема да разберат што им зборуваме, или ако сфатат, ќе ни кажат да бидеме благодарни што немаме проблеми какви што тие имаат. Моментално кај нас нема ниту војна, ниту природна катастрофа, ниту, пак, на власт е диктатура. Следствено, ако ги немаме тие работи, немаме ни оправдание да не си ги решаваме оние проблеми што ги имаме.

Пишува: Нено БОГДАН

Ако некој сака да разбере преку само еден пример како навистина размислуваат политичарите во Македонија, треба само да погледне какви беа реакциите пред неколку дена по одлуката на Уставниот суд да го испрати во историјата принципот на балансер при вработувањата во јавната администрација.

Наместо сите да си речат дека штом Уставниот суд утврдил дека тоа не било во согласност со Уставот, тогаш не треба да се прави, се појави веднаш идеја од главните луѓе на коалицијата „Вреди“, кои изјавија во повеќе наврати дека ќе бараат начин сепак да останат во игра рамковните вработувања, само што овојпат, со цел да не се крши Уставот и да не се лутат уставните судии, прво ќе се направеле консултации со тимови составени од експерти и академици, ќе се чекало мислење од Венецијанската комисија, а ќе се внимавало и на поголема инклузивност и транспарентност.

Тоа е како да му кажеш на некој крадец „зар не ти е срам да крадеш, бре“ и тој да ти одговори дека не му е срам, па да додаде дека ако покаже срам и дури и се извини и признае дека се кае, при што ќе води сметка процесот на крадење во иднина да биде инклузивен и транспарентен, како и под надзор на експертска комисија, дали тогаш ќе може да продолжи да краде.

Што да му одговориш тогаш?

Главниот проблем со балансерот и со рамковните вработувања по етнички клуч воопшто е што на одговорни позиции се поставуваат луѓе што не се стручни, туку го добиле работното место на сметка на други луѓе што се пријавиле на конкурсот, кои биле стручни, вложиле години и децении од својот живот за да ја стекнат таа стручност преку стекнување потребно образование и искуство, ама поради тоа што ја немале соодветната етничка припадност, не биле поставени на таа одговорна позиција. Тоа е проблемот!

Како се решава овој проблем ако се изведе процес мониториран од еминентни експерти кои ќе најдат начин да се продолжи со истата практика, ама таа да биде подобро регулирана со потребните прописи и акти, кои ќе овозможат Уставот да не биде прекршен?

Не се решава. Ама баш тоа е суштината на политиката во Македонија. Ти викаат дека не смееш да крадеш со десна рака. Решението е да почнеш да крадеш со лева рака. Ако и со левата ти забранат, ќе крадеш со нозе, со заби, со уши, па и со нос, ако треба, кој ќе ти порасне како слоновска сурла за со неа да вшмукуваш пак пари од џебот на народот.

Проблемот не е во тоа како правиш нешто лошо, туку што воопшто го правиш тоа лошо.

ЗАЕДНО СМЕ ПОЛЕГИТИМНИ

Според една досетка, ако еден човек за себе верува дека има посебно место во историјата на светот и дека поради неговото славно минато сите други луѓе околу него треба да му укажуваат посебна почит, тоа е пример за тешка нарцисоидност.

Ама ако неколку стотици илјади, па и милиони луѓе за себе како група веруваат дека имаат посебно место во историјата на светот и дека поради нивното славно минато сите други народи околу нив треба да им укажуваат посебна почит, тоа е веќе патриотизам, кој ако стане претеран, прераснува во национализам и шовинизам.

Ако еден човек се појави на некоја нива и почне да вика дека нивата е негова поради тоа што неговиот прадедо некогаш бил газда на нивата (или поточно и тој се појавил и почнал да вика дека е негова нивата поради којзнае кои причини), сите ќе си речат дека човекот е будала. Ако извади пушка и со закани бара другите луѓе без дозвола да не му влегуваат во нивата, сигурно некој ќе повика полиција.

Но, што ако милиони луѓе се појават на некоја територија и речат дека бидејќи нивните прадедовци биле некогаш газди на таа територија (а и тие станале газди само затоа што се појавиле на територијата, дошле од којзнае каде, и тврделе дека е нивна, сѐ додека некој посилен не им ја зел, а нив ги протерал или окупирал), тогаш тие милиони луѓе ќе мора да ги есапи светот како легитимни страни во процесот на утврдување на тоа чија е територијата.

Во Украина, бидејќи некогаш предците на Русите го освоиле полуостровот Крим (кој претходно го држеле под контрола Татарите), денешните Руси се цврсто убедени дека тоа е нивна територија. Но, до пред само една деценија, Украина имаше суверенитет врз тој простор, па и Украинците тврдат дека поради тоа, тие имаат легитимно право да го контролираат Крим.

Татарите, кои по многу геноциди и прогони денеска се малцинство на тие простори, бараат да се оди уште подалеку во минатото оти пред три века, нивните предци биле газди на Крим. Но, и тие не би сакале претерано далеку да се оди во историјата оти пред шест века, предците на денешните Татари дошле од Средна Азија и со сила го освоиле Крим од оние кои пред нив го држеле.

На Блискиот Исток ова е уште поизразено. Во антиката, буквално во библиски времиња, предците на денешните Евреи го освоиле регионот од реката Јордан до Средоземно Море. Поминале низ тие краишта грст империи и освојувачи (Асирци, Вавилонци, Персијци, Македонци, Римјани, Арапи, Крстоносци, Турци и Англичани), кои секои со сила го одземале тоа парче земја од претходните газди и со текот на времето на тие простори се населиле предците на денешните Палестинци.

Сега, и едните, и другите велат дека бидејќи нивните предци некогаш биле газди на таа земја, сега тие како нивни потомци се единствени легитимни сопственици на таа територија. А предците и на едните, и на другите, со освојување ја добиле територијата. Кој има право на територијата, и во Украина и на Блискиот Исток? Потомците на едните освојувачи или потомците на другите освојувачи?

Ако внуците на двајца некогашни ограбувачи на златарници најдат некоја стара кутија во која дијамантите и златото ги закопале нивните дедовци, па се скараат и се степаат околу тоа кој од нив има легитимно право врз украденото, цел народ ќе им се смее.

Ама кога милиони луѓе поделени по етничка и верска основа го прават во суштина истото, значи се караат и војуваат околу тоа чија е земјата што нивните предци со сила ја стекнале (а под присила и ја изгубиле), е тогаш тоа е комплексно прашање, кое бара инклузивност и вклучување експертски тимови.

Проблемот значи не е во тоа што правиш, или како го правиш. Туку во тоа колкав е проблемот и колку луѓе допира неговото решавање.

КВАНТИТАТИВНО ИЛИ КВАЛИТАТИВНО

Споровите околу тоа чие е некое парче територија што се водат на Балканот или на Кавказот, вклучуваат по грст милиони луѓе, оти и во двата региона живеат мали народи и нивните кавги се мали и ситни.

За илустрација, Грузија има проблем со еден отцепен регион, кој се вика Јужна Осетија, каде што живеат едвај шеесетина илјади луѓе. Регионот Нагорно-Карабах, кој беше предмет на децениски спор и три крвави војни меѓу Азербејџан и Ерменија, беше дом на едвај 140 илјади етнички Ерменци, кои беа протерани по конечната победа на Азербејџанците во 2023 година.

Во Украина, целиот спор за територии, кој прерасна во џиновска војна, директно вклучува околу 200 милиони луѓе, колку што вкупно жители имаат Русија и Украина. На Блискиот Исток, десетина милиони Евреи се борат со вкупно 40-тина милиони Палестинци (од кои голем дел живеат и во Јордан), Либанци и Сиријци, како и оние неколку милиони Јеменци во делот од Јемен, кој е под контрола на Хутите.

Значи, вкупно 50-тина милиони луѓе се директно засегнати од војната, а ако се додаде и Иран со неговите 80-тина милиони жители, се доаѓа до 130-тина милиони. Толку се директно засегнати, а индиректно од сите оние земји што се мешаат во спорот и заземаат страна, број не им се знае.

На прв поглед многу, ама сосема ништо во однос на спорот меѓу Пакистан и Индија за територијата на Кашмир, околу чија сопственост спорат со децении двете држави, кои заедно имаат милијарда и пол жители!

Кина, пак, има спор со Тајван околу тоа кој треба да газдува со територијата на тој остров, што значи дека милијарда и пол луѓе и таму се директно засегнати. А да не заборавиме дека територијален спор за одредени делови од заедничката граница имаат и Индија и Кина, па ако тој спор прерасне во војна, директно ќе засегне три милијарди луѓе, што е речиси половина од човештвото!

Сепак, сѐ додека не избие војна, секој спор е небитно колкав квантитет има, т.е. колку луѓе се директно или индиректно засегнати во него. Па, дури и ако има војна, ако таа е со мал интензитет, или ако е голема и крвава, ама нема некое посериозно влијание врз глобалните економски текови, и таквиот спор оди под графата на небитни, се разбира за оние што не се директно засегнати.

Најкрвава војна во светот моментално, со најголем број луѓе што страдаат од борбите не се води ни во Украина, ниту на Блискиот Исток, туку во Судан, каде што 20 и кусур милиони цивили се бегалци на кои им се заканува смрт од глад. Ама таа војна не доминира со вестите, оти Судан нема речиси никакво влијание врз глобалните економски текови.

Значи, сериозноста со која ќе му се пристапи на некој проблем, не е во тоа што се случува (да речеме територијален спор), или како се решава тој (да речеме со војна). Ниту, пак, во тоа колкав е проблемот и колку луѓе допира неговото решавање. Може да допира десетици милиони луѓе, ако со нив немаме конекција, економска или културна, тогаш не им посветуваме внимание на таквите проблеми.

На секој проблем му пристапуваме квалитативно, а не квантитативно.

СЕКОЈ СЕ СЕКИРА ЗА СВОИТЕ

Што, пак, нѐ води до подлабоко разбирање на проблемите со кои нашата држава се соочува во денешно време. Еве, да речеме, уцените од Бугарија, која нема да дозволи нашата држава да почне преговори за влез во ЕУ, сѐ додека во нашиот Устав не бидат впишани Бугарите како малцинство.

Овој проблем, ако му го објаснуваш на етнички Македонец, тој ќе го разбере и ќе изгради став околу него. Да му го објаснуваш и на етнички Албанец, кој е граѓанин на Македонија (значи засегнат од крајниот исход), исто така тој ќе го разбере и ќе изгради некаков свој став. Да му објаснуваш и на Бугарин, исто така не е бесцелно, ќе сфати за што станува збор и ќе изгради став, секако врз основа на неговите интереси.

Ама да очекуваш некојси европски дипломат да сфати што е суштината на целиот спор, кога тој никаква емотивна конекција нема со темата? Нема теорија да те сфати. Тој дипломат размислува идентично како нашите политичари, кога треба да имаат став во врска со балансерот, корупцијата, владеењето на правото, економскиот развој и слично. Нив не ги интересира дали нешто е морално или логично или разумно или историски поткрепено со интелектуални аргументи. Јок бре!

Ако ЕУ цврсто стои зад Бугарија во спорот до степен Македонија да мора да потклекне пред уцените на Софија, со тоа ќе создаде огромна разочараност кај етничките Македонци, кои ќе гледаат на Брисел со чувство дека биле изиграни. Ма што ми е гајле на мене за тоа, ќе си рече секој европски дипломат и ќе продолжи да си тера по старо.

Процесот е идентичен и во обратна насока. Кога странските амбасадори се жалат дека, и покрај тоа што донирале десетици и стотици дури милиони евра за реформскиот процес, а, сепак, со децении ништо суштински не се менува во начинот на кој реално функционира системот и дека поради несериозноста на нашите политичари државата тапка во место, секој наш политичар си вика во себе „ма што ми е гајле на мене за тоа“ и продолжува да си тера по старо.

Дали некој проблем ќе го сфатиш сериозно, не зависи ниту од сложеноста на проблемот, ниту од тоа колку други луѓе засега. Туку само од тоа колку тебе ти се гледа сложен за решавање и како тебе те допира. Крвава војна на другиот крај од светот поради која милиони луѓе се бегалци и страдалници? Греота за луѓето. Бурекот што секое утро го консумираш поскапел за 10 денари? Тоа е скандалозен криминал за кој некој треба да одговара под итно!

Секому сопствените проблеми му се чинат најголеми, и секој за своите маки се секира најмногу. Да им објаснуваме на Украинците, Суданците, Израелците, Палестинците и Либанците дека ние, Македонците си имаме мака со бугарските барања за уставни измени или дека рамковните вработувања не се оптимален начин за пополнување на јавната администрација, тие или нема да разберат што им збориме или ако сфатат, ќе ни кажат да бидеме благодарни што немаме проблеми какви што имаат тие.

Моментално кај нас нема ниту војна, ниту природна катастрофа, ниту, пак, на власт е диктатура. Следствено, ако ги немаме тие работи, немаме ни оправдание да не си ги решаваме оние проблеми што ги имаме. Кога ќе помислиме дека ни е тешко, треба да се сетиме дека на други им е и потешко. Тие можат да се жалат, ама ние мора да се снаоѓаме.

Изговорите не се решенија.

Поврзани новости