Кога ќе помине пандемијата… Вучиќ во последниот разговор со Владо Калембер му открил што ќе прави

by Fokus

Вчерашната вест за смртта на популарниот музичар, композитор и ТВ водител Драган Вучиќ (65) ја потресе македонската, но и балканската јавност. Во тек на целиот ден негови колеги од естрадата, пријатели и луѓе кои ја следеле неговата работа и уживале во неговите музички и ТВ проекти, со емотивни пораки се збогуваа со него на социјалните мрежи.

Вучиќ ја изгуби битката со корона вирусот и почина на Инфективната клиника во Скопје, а народот свикнат да го гледа пред малите екрани цели три децении, со неверување ја дочека веста. Дека Драган беше омилен и ценет и надвор од Македонија, зборуваат многубројните пораки од негови колеги од Хрватска, Србија, Босна… И тамошните медиуми известија за случајот, а пораките со сочувство од балканската естрада не престанаа да пристигаат во тек на целиот ден.

Околу заминувањето на легендарниот естраден лик, ,,Фокус” синоќа разговараше со неговиот добар пријател и колега, познатиот хрватски музичар Владо Калембер (67), со кого заедно другаруваа пред камера, во емисии, но и приватно биле многу блиски. Владо се уште е во шок од настанот.

Вели дека не може да поверува како неговиот пријател повеќе го нема, а сите планови кои ги имале заедно никогаш нема да се остварат. Ни откри дека Драган во нивниот последен разговор на 12-ти април му раскажал што планира да прави кога ќе заврши пандемијата со вирусот, не ни претпоставувајќи дека тоа ќе им биде последен разговор, а планот никогаш нема да му се оствари.

-Денес кога ми ја јавија веста, останав во шок, не верував. Веднаш се јавив кај нашиот пријател, композиторот Григор Копров, и се уште сум во шок. Долги години наназад со Драган бевме добри пријатели. Не само професионално, туку и приватно. Последен пат тој ми се јави на 12-ти април. Во последниот разговор ми раскажуваше дека има план, да снимиме заедно песна, да направиме дует кој ќе се слуша на сите простори на поранешна Југославија… Ја средил и песната, ми ја пушти снимката преку Вибер. Тој беше не само одличен водител, туку и одличен музичар, сакаше да се врати на сцената со дуетска песна. Разговорот заврши така, што рече да причекаме сето ова да помине, да заврши панедмијата, па да го снимиме дуетот… Кој би знаел дека тоа ќе биде последен пат да разговараме – емотивно раскажува музичарот.

Додава дека за него Драган секогаш бил неверојатен човек. Токму поради тоа, тие останале пријатели долги години, и покрај далечината помеѓу Скопје и Загреб.

-На сите тие километри, останувате добар пријател со некого, само ако се работи за посебно добар човек. Да не беше исклучителен, немаше ниту да ми биде пријател. Нашата последна дружба беше во Загреб, во мојот стан, каде ја снимавме неговата кулинарска емисија. Беше многу добар човек, музичар, пријател… Денес постојано мислам на неговата сопруга Весна, на синот Мартин. Ако јас сум во шок, можам да замислам како им е нив. За жал, тешко ми е да најдам вистински зборови на утеха за Весна и Мартин. Сите ние многу го сакавме Драган. Денес разговарав со повеќе негови пријатели и колеги од Загреб, сите сме затекнати од веста и многу тажни – вели Калембер.

Околу тоа дали би ја отпеал сам во иднина песната која Вучиќ ја снимил, со цел да направат дует, и да му ја исполни последната желба, се уште не може да каже ништо. Вели дека во овој период нема место за планирање, луѓето од целиот свет ги имаат истите информации околу вирусот, и сличните насоки како да се однесуваат.

-Во оваа ситуација со вирусот, јас сакам да ги слушам професионалците, медицинските лица на кои ова им е професија и да ги следам нивните препораки. Посебно кога се работи за здравје, ги слушам оние кои се професионалци во оваа област – ни изјави музичарот.

Драган Вучиќ ќе биде погребан денес во 13 часот на Градските гробишта во Скопје. Неговото тело од 12 до 13 часот ќе биде изложено на отворено на градските гробишта. Од семејството известуваат дека ќе бидат испочитувани сите заштитни мерки и препораки поврзани со пандемијата со корона вирусот. За сите што сакаат да му оддадат последната почит, улицата ќе биде затворена од 12 до 14 часот за да можат да се движат согласно мерките.

Поврзани новости