Кога ќе излезе ќерка ми од гроб, тогаш убиецот нека излезе од затвор, му порача мајката на Емилија на судијата

by Fokus

Еден наркоман и коцкар ми го уби детето! Беше пријавуван за насилство и порано, ја тепаше, ја малтретираше, ја пречекуваше пред суд, за да ја заплаши и да се откаже од тужба против него. Секогаш на почеток на месецот, кога Емилија ќе добиеше пари, сите до денар и ги земаше, со растреперен глас денес раскажа Џемиле, мајка на Емилија Пешева (29), која лани на први ноември ја уби Фадил Зејнелов, со кого била во врска.

Настанот се случи во Штип, а денес во Основниот суд во Штип започна судењето против убиецот на Емилија, која зад себе остави едно малолетно дете.

– Барам доживотна казна затвор! Тоа имам да му порачам и да го замолам судијата. Кога ќерка ми ќе излезе од гроб, тогаш и убиецот нека излезе од затвор! –порача мајката.

Кобниот ден, Зејнелов отишол дома кај Емилија и ја повикал наводно да разговараат за проблемите во нивната врска. Како што кажа мајка и, Емилија и рекла дека штом е почеток на месец, тој знае дека таа има добиено пари, бидејќи користела државна помош како лице со епилепсија, но и детски додаток за синот, и била сигурна дека ќе и ги земе парите, како што се случувало секој месец.
И рекла на мајка и дека ќе ја прекине врската со него, бидејќи повеќе не може да живее со неговата тортура, но и оставена без денар со детето.

Излегла од дома, и повеќе не се вратила. Зејнелов првин започнал да ја тепа во напуштен објект на Јавното претпријатие Исар, а потоа ја задавил. Сам се пријавил во штипската полициска станица.

Вујкото на Емилија, Есад Сала, за „Фокус“ изјави дека убиецот во минатото бил пријавуван за насилство пред институциите, но бидејќи жртвата го повлекувала предлогот – постапките запирале и насилникот останал неказнет.

Случајот ги актуелизираше прашањата околу потреба за измени во Кривичниот законик, кога е во прашање кривичното дело ,,телесна повреда”.
Кога се случи убиството, реагираа и од Левица, од каде побараа стореното кривично дело „телесна повреда“, да нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот, односно гонењето да биде целосно препуштено на надлежните органи и да се гони по службена должност, а сторителот да биде со сигурност казнет.

– Детето на Емилија е оставено да расте без мајка, а целото семејство засекогаш ќе го носи товарот од трагедијата. Бараме убиецот никогаш да не излезе од затвор, истакна Есад, вујкото на убиената млада жена.

Вики Клинчарова

Поврзани новости