Кога ќе утврдат зошто Сашо Мијалков киснел на релацијата Скопје – Прага?

by Фокус

Текстот е објавен на 15 јули 2011 година во неделникот „Фокус“.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Бошкоски бара Мијалков кривично да се гони. Антикорупциска ќе отвори случај за Мијалков. Колку е богат Мијалков? Документи од фирма на Мијалков пред Антикорупциска. Тоа се само дел од насловите на прилози од А1 телевизија, во ноември и во декември минатата година, во периодот кога власта упадна во медиумот, а подоцна го уапси и сопственикот на А1 Велија Рамковски за „злосторничко здружување“.

Токму дента, кога полицијата му ги врза рацете на Рамковски, ланскиот 24 декември, А1 телевизија известуваше за можеби најжестоките обвинувања на Љубе Бошкоски кон шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, сега веќе глобално познатиот прв братучед на премиерот Никола Груевски!

Огромни суми на пари со авиони на Чех Ерлајнс се изнесуваат од Македонија и завршуваат во една чешка банка, обвини тогаш лидерот на Обединети за Македонија. Шест месеци подоцна, како што милуваат да кажат фејсбук-симпатизерите на Груевски, Љубе му се придружи на Велија во ќелија!

Така, случајно или не, денес во притвор се и човекот кој најжестоко го обвинуваше Мијалков во месеците пред изборите, и газдата на телевизијата која одвои најголем простор за Бошкоски да ги искаже своите сомнежи. Разбира се, секој е осомничен за посебно дело, кое нема ама баш никаква врска со нивните конфронтации со власта!

 

ПРОВЕРКИТЕ НА ГОРДАНА

Не сакаме да кобиме, ама, сега за сега, се уште на слобода е потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев, кој за време на изборите ги презентираше документите кои имплицираа дека шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, во период од нешто помалку од две години дури 16 пати бил во Прага на државна сметка!

Георгиев покажа фактури за кои тврдеше дека се од аеродромот Александар Велики, кои биле адресирани до МВР, кое ги платило услугите на ВИП-Салонот, користен од Мијалков пред или после летовите од скопскиот аеродром.

Помина повеќе од 40 дена, откако опозицијата ги обзнани овие документи, па редно е да видиме, што од објавеното беше демантирано и на каков начин?

По пресот на СДСМ, експресно реагираше владејачката партија со соопштение во кое се вели дека тврдењата на опозицијата имаат цел лично да го дискредитираат Мијалков. Во краткиот текст, објавен на нивната веб-страница, уште ги употребуваат и фразите – „манипулација” и „излитени и стопати повторени инсинуации“!

Треба да се напомне дека, ако за прес-конференциите на СДСМ поврзани со имотот на Груевски властодршците веднаш најавија тужби, овој пат барем јавно немаше таква закана. Интересно е дека никој – ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту МВР, ниту пак некој од аеродромот, не излезе јавно да каже дека документите од опозицијата се фалсификат или некаква извртена полувистина. Или барем ние не чувме нешто такво.
По обичај, недостасуваше соочување на аргументите или во најмала рака поуверлив демант, после кој и најверните вмровци ќе беа убедени дека целава приказна е само сдсмовско масло. Арно ама, на оганот од сомнежи, масло додаде никој друг туку министерката за внатрешни – Гордана Јанкулоска!

„Евиденција за службените патувања води секторот за финансии во МВР, па, со оглед на тоа дека се работи за период од безмалку 24 месеци, за да дадеме издржан одговор, ние би требало да ги провериме архивираните патни налози. Отварањето на архивите постари од 12 месеци налага посебна процедура, меѓутоа можам да потврдам дека за сите службени патувања е изготвен налог, а се доставува извештај за целта на патувањето и за остварените резултати. Ако барате прецизни податоци, ќе мора да побарате официјално да ги отвориме архивите“, изрецитира тогаш Јанкулоска на новинарско прашање.

Според полицискиот портпарол Иво Котевски до сега никој од колегите новинари не ја послушал министерката и не побарал МВР да ги отвори архивите, иако, најлегитимно е прашањето:
Зошто полицијата до сега не го стори тоа самата, за да ги убие во корен сите сомнежи?

Котевски не беше баш расположен да објасни, каква е процедурата според која ние официјално можеме да побараме отворање на архивите. Замислете, тоа требало ние да си го знаеме!? Чиниш, поднесувањето вакви барања е ежедневна работа, како пополнување на ливче во обложувалница!

Нејсе, социјалдемократите не поднеле никаква претставка до Антикорупциската комисија за овој случај. Нејзиниот, пак, претседател Војче Зафировски објасни дека Комисијата би отворила предмет доколку ги добие документите, па, ако се проверливи… Да, Антикорупциската имала многу ограничен капацитет за дејствување!

Зафировски вели дека Комисијата нема намера самата да отвора случај по принципот на допрен глас, или, како што вели тој – по „рекла-кажала“ муабети. Плус, додаде дека за да реагираат самите, потребно е Државниот ревизор да најде некакви неправилности!

Од друга страна, опозицијата ги достави документите до јавниот обвинител Љупчо Шврговски. Го повика да провери, дали во овој случај постоела злоупотреба на службената должност, односно, дали со државни пари Мијалков шетал приватно?

До сега, колку што и’ е познато на јавноста, нема информации дека Шврговски постапил по барањата на СДСМ. Наше, пак, е да потсетиме на една изјава од обвинителот, која денес може да се најде на сајтот на Утрински весник.
И денес може да се потсетиме на изјавата во која Шврговски вели дека дваесетгодишното познанство и дружењето со браќата Мијалкови, во гимназија и на факултет, не можело да му биде хипотека во работата. Нам не ни останува ништо друго, кога да се надеваме дека обвинителот бил искрен кога го кажувал ова!

 

ШТО ПРАВЕЛ МИЈАЛКОВ ВО ПРАГА?

СДСМ пред изборите обвини дека во една прилика заедно со Сашо Мијалков за Прага патувал и директорот на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски. И навистина, на еден од документите што имавме можност да ги видиме стои името и презимето на полицаецот којшто е познат во јавноста и по прекарот – Радникот!

Дополнително, тие обвинија дека во мај 2009-та, заедно со Мијалков од скопскиот аеродром за Прага полетала и мајката на премиерот Надежда Груевска, иако, рака на срце, во документите што ние ги видовме никаде не пишува кои се придружниците на Мијалков во честите патувања кон главниот град на Чешка!

Според документацијата на СДСМ, Мијалков во неколку наврати патувал за Чешка со уште едно лице или со уште тројца. Опозицијата тогаш праша, дали ова патување на Груевска има врска со обвинувањата дека извесна Нада Груева купила стан во Прага нешто подоцна истата година?

Од овие листови може да се види дека Мијалков наводно патувал со летот ОК 847, кој, доколку проверите на сајтот „Флајт мапер“ ќе видите дека станува збор за дестинацијата меѓу Скопје и Прага на која лета чешката компанија „Чех ерлајнс“, во Македонија присутна уште од 2005 година. Тогаш во медиумите се шпекулираше дека присуството на оваа авикомпанија во Македонија е знак дека Чесите се сериозно заинтересирани за купување на тогашното ЕСМ, кое отиде во рацете на Австријците од ЕВН!

На сите 16 документи пишува дека тие се фактури за плаќање на услугите на ВИП-просторот, каде важните гости и политичари може да користат телевизија, интернет или нешто да се напијат додека го чекаат летот или се одмараат од патувањето.
Најголем дел од овие документи се фактурирани на 1.000 денари, но има и такви кои се фактурирани на нешто поголема сума. Ако се соберат сите пари за користење на овој салон, излегува дека се потрошени нешто повеќе од 900 евра за користење на посебните салони на аеродромот „Александар Велики“!

Според фактурите што ги приложи опозцијата, ВИП-Салонот најчесто е користен во работни денови, иако има неколку фактури кои се датирани на сабота или недела. Токму затоа, од сево ова произлегуваат неколку прашања.
Прво, дали ако навистина МВР платила за ВИП салонот, таа издвоила пари и за авиокартите чија најниска цена денес изнесува околу 270 евра? И, второ, дали патниците за овие службени патувања добиле дневници од Министерството за внатрешни работи?

Исто така, ако сето ова е вистина, би било интересно да се чуе, каква е таа соработка со чешката држава или тамошната полиција, која бара толку често присуство на шефот на тајната полиција во Прага?
На интернет не можевме да најдеме вест во која се најавува некоја ваква посета, но, сепак, ископавме текст посветен на посетата на Јанкуловска на Прага од пред две и пол години. На владиниот сајт има информација за тоа, дека првата полицајка била во чешката престолнина на 15 јануари 2009 година на средба со тамошниот колега Иван Лангер.
На средбата меѓу другото се зборувало за визната либерализација, но во фокусот на разговорите била и полициската соработка, односно соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи на сите нивоа и во сите сегменти на дејствување, што подразбира проекти и оперативна соработка на ниво на полиција, но, и проекти, оперативна соработка и размена на информации на ниво на безбедносни служби!

Сево ова звучи како причина за барем една средба на шефот на УБК со чешката полиција. Меѓутоа, на владиниот сајт нема информација дека на ова патување присуствувал и Мијалков, додека датумот на оваа официјална посета на МВР не се поклопува со ниту еден од датумите во документите што ги објави СДСМ!

Поврзани новости