Кога исчезнала малолетната Вања нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски кој е еден од петмината обвинети за грабнувањето и убивањето на девојчето, бил потиштен, повлечен и тажен и не бил избувлив како што знае да биде, иако мајката цело време се правдала дека јас не сум виновна, дека не сме се скарале со Вања, сведочеше денеска во суд мајката на убиеното девојче, Зорица Ѓорчевска која беше прв сведок на Обвинителството.
Додека сведочеше таа изгледаше смирено и многу разумно, а таткото на неколку пати се расплача во текот на судењето.
Таа појаснуваше дека иако вообичаено ја прашувал што се случило и знаел да и каже дека таа е виновна, сепак овој пат бил повлечен и уште првиот момент тврдел дека Вања е киднапирана.
На прашањето зошто така мисли тој тврдел: Нема друго што да е!. Додека траела потрагата по Вања тој цело време го повторувал тоа, на што дел од нејзините роднини во еден момент му искоментирале: Па не е таа ќерка на Кенеди!.
Мајката опиша во детали што се случило критичниот ден кога Вања исчезна. Во петок Вања вообичаено одела сама на училиште, без нејзината помала сестра Миња бидејќи таа немала прв час, а според обвинението, првиот обид за грабнување бил во петок, но поради гужви во сообраќајот грабнувачите се откажале, па планот го реализирале во понеделник.
Во понеделник, на 27 ноември, сестрата на Вања повторно немала прв час, затоа што нејзината класна раководителка била болна, а помалата ќерка Миња и го кажала тоа на мајка и. Мајката не му кажала на Александар дека Миња нема прв час, туку тоа му го кажало помалото девојче.
Часовите на Вања и почнувале во 7.30 часот, а класната ја алармирала дека не е дојдена во 7.43 часот, кога веќе мајката тргнала на работа. Класната вообичаено ги информирала родителите ако некое дете не е дојдено вообичаено по првиот час, но овој пат ја чекала Вања да дојде на училиште затоа што мајката имала разговор со нејзе за учебник што Вања тврдеала дека го изгубила, односно дека и го дала на соученичка, а таа тврдела дека не е кај неа. Бидејќи ова се случило втор пат, мајката побарала од класната да се разреши ситуацијата.
Тоа било причината што класната веднаш алармирала. Кога мајката дознала дека Вања не е во училиште, се слушнала со класната, а потоа веднаш му се јавила на таткото, со кого како што е јавно познато биле разведени.
Тргнала накај неговиот стан кој се наоѓал кај Соборен храм, а тој веднаш за околу пет минути се симнал облечен, иако вообичаено знаел да доцни.
Тогаш почнала потрагата по девојчето, се прегледувале камери, нејзиниот телефон кој покажувал дека последно била на улица „Партизанска“. Многу луѓе од Дебар маало и сите што имале камери ги дале снимките, но Вања не била на ниту една од нив.
Таткото во меѓувреме прегледувал снимки и најголем дел од времето седел на комјутер во соба, заедно со негов пријател Гоце Трајковски со кого заедно ги анализирале снимките. На мајката и посочиле само еден специфичен момент кога и покажале човек како стои пред поранешно МЦМ, спроти станот, посматра и после застанува возило со затемнети стакла. Теоријата на таткото и неговиот пријател била дека човекот го проверувал теренот.
Мајката пак, според нејзиното сведочење, првично не се сомневала во грабнување мислела да не избегала некаде, да не се налутила нешто со оглед на тоа дека била во тинејџерски години, да не ја прелажал некој да ја грабнал.
Како што опиша таа, таткото се грижел физички за децата, но знаел да биде некогаш импулсивен и да им викне, за што тие му забележувала. Одреден период од неколку месеци, од јануари 2023 година, Вања живеела кај него откако се скарала со мајка и, но по одредено време се јавила кај неа со плачење и барала да ја земе од кај татко и.
Еден период биле лути, но потоа повторно комуницирале, но што била причината за да се скаараат мајката не знаеше, објаснувајќи го тоа како дел од тинејџерските години, па знаела да се скара и со едниот и со другиот родител.
Уште еден момент што го истакна мајката кој го забележала отпосле, откако ја прашувале полицајците, беше тоа што таткото вечерта пред грабнувањето и на Вања и на мајката им пратил порака утредента да се облече потопло.
Но, мајката ова го протолкувала како ‘солење памет’ затоа што знаел така да укажува за да не настинат децата.
Станот во којшто живееле на „Наум Наумовски Борче“, од каде Вања беше грабната, од 2018 година бил на име на таткото, но откако се преселиле таму тие почнале постапка станот да биде префрлен на име на едно од децата.
Таткото ги средил документите со Град Скопје, но кога дошло до нотарска заверка тој ретерирал. Мајката имала два обиди да за заверка, но таткото не можел, па таа не инсистирала веќе.
Инаку мајката во наследство од своите родители го имала станот кај што живееле во Дебар Маало од септември 2023 година, еден стан во Аеродром, еден во Капиштец каде седеле пред да се разведат и еден мал стан во Охрид. Во 2022 година за 83 илјади евра го продала станот на улица „Бојмија“ во Аеродром. Со парите ги затворила минусите на картичките и купила нови апарати за домаќинство и и останале 30 илјади евра.
Додека биле во брак Александар работел се додека не се родила втората ќерка, а потоа немал работа. Почнал да работи кога се развеле, но во март 2023 година останал без работа. Финансискиот товар за децата додека биле во брак бил на неа, а откако се развеле и тој учествувал во трошоците за децата еднакво како и таа, се додека не останал без работа.
Дека Вања е убиена дознала во недела 3 декември минатата година, кога во полиција ја повикале и побарале од неа да го идентификува телото.
Првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо рече дека не го познава, знае дека неговата фирма „Ентерпрајз“ ја градела зградата кајшто живееле, но само од нејзините родители.
На барање на неговиот адвокат, Марјан Витановски таа кажа дека немало никакви проблеми при купопрдажбата на станот.
Адвокатот на таткото, Владимир Туфегџиќ имал до судот поднесено барање за вкрстено испитување, но сепак во неговата изјава тврдеше дека двата стана на Александар, на „Партизанска“ и тој во Дебар маало биле препишани на децата иако мајката кажа дека постапката за пренос на становите била почната, но не била завршена.
Освен Ѓорчевска во судот свеочеше и едната ќерка на убиениот велешанец, Панче Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг.
Судењето за двојното убиство продолжува в среда.
Фросина Факова – Серафиновиќ