Кога институциите грешат, а вината ја фрлаат врз медиумите кои алармираат за нивна грешка: Не секој ,,демант”, секогаш е демант!

by Фокус

Демант!!! Можеби зборот звучи моќно, но не секој еден ,,демант” е секогаш баш демант, издржан со факти и склопен според сите регулативи. Во случајов со СОУ ,,Свети Кирил и Методиј” Неготино, она кое надлежните го објавиле на Фејсбук страницата на училиштето, а го насловиле како ДЕМАНТ, е обид да се оправда нивниот прекршок на Владината одлука за забрана за физичко присуство на учениците, и аматерски напишан текст, со кој всушност демантираат нешто кое никаде не е објавено, а со истиот поттикнаа уште поголемо недоразбирање помеѓу дел од учениците и родителите, и секако говор на омраза и јавен линч на сметка на медиумскиот работник, кој алармираше во новинарски текст за нивното кршење на закон.

Да појасниме… Кога Владината одлука е сосема јасна, дека е забрането физичко присуство на учениците, тоа значи дека под било кој изговор, НЕ СМЕЕ да има физичко присуство на учениците во просториите на училиштето. На сопствена одговорност, надлежните еднаш ги собраа учениците во училиштето на почеток на минатата недела, сигурни во своите проценки дека нема опасност од ширење на Ковид-19, и покрај сите насоки дадени од здравствените власти.

Кога по неколку дена на официјалната страница објавија ПЛАН ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА НАСТАВА, каде повторно повикаа на физичко присуство на учениците, игнорирајќи ја Владината одлука, ние како медиум побаравме одговор од МОН околу законитоста на постапката на надлежните од училиштето. Од страна на МОН, незаконскиот план за реализација на настава во СОУ ,,Свети Кирил и Методиј” Неготино, веднаш беше запрен.

Како училиштето ги извести учениците да не доаѓаат? Со пораки напишани од страна на професори, во кои јасно е именувана новинарката која реагираше на вашето кршење на Владината одлука, посочена како виновник поради кој, ете за жал, нема да има ништо од физичкото присуство… Дел од учениците, инаку се соученици на децата на новинарката чие име и презиме професорите го пишуваа во пораките, и со тоа, поттикнаа линч кон неа, но и булинг врз нејзините деца.

Кога се прави прекршок од страна на државна институција, во случајов средно училиште, не се јавува директорката на установата кај новинари кои објавуваат текстови околу настанот, за да жолчно појаснува како вработените темелно го исчистиле и дезинфицирале училиштето, што воопшто не е поента во случајов. Морално е да излезе со извинување до учениците, родителите, па и надлежните во МОН, поради својата грешна постапка со која се загрозува јавното здравје.

И не ги комплицирате нештата дополнително, кога откако се објави информацијата потврдена од Центар за јавно здравје, дека средношколец од Неготино е инифициран со Ковид-19, повторно да барате виновник во медиумите, кои пренесуваат точни информации од надлежните институции, па да демантирате нешто кое и не било никаде спомнато, а тоа е дали ученикот бил помеѓу присутните во училиштето, кога противзаконски, на своја одговорност, решивте да ги повикате учениците.

Не заборавајте дека станува збор за малолетно лице, чиј идентитет е заштитен со закон! Немојте на сметка на ученикот да наоѓате начин да го оправдате вашиот прекршок! Можете ли со сигурност да тврдите дека ниту еден друг ученик, или пак вработен во училиштето не е инфициран со вирусот, или нема да се инфицира во иднина, кога во општината има непознати кластери? Факт е дека вирусот постои и мора за сите исто да важат одлуките на здравствените власти. И факт е дека никој не смее да се стави над законите, а кога истите ќе ги прекрши, треба да понесе одговорност и да има доблест да ја признае грешката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости