Кога и судиите ќе стивнат

by Fokus

Она што итно веднаш мора да се направи, покрај развивање  и  примена  на  институционалните  гаранции , е коренита и длабока реформа во која ќе се санкционираат сите судии кои подлегнале на притисокот. Но, тоа никако не смее да го спроведе Судскиот совет, кој е извор и причина за таквите состојби и кој прв треба да биде санкциониран.

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

            Постојано се зборува за правна држава, постојано власта веќе 30 години измислува ” топла вода” и “млати празна слама”, колнејќи се во реформи, ад хок решенија, апсурдни предлози , а во пракса не мрднува со прст и ја одржува статус кво позицијата во која извршната власт ја јавнала судската и го тегне каишот врзан околу врат, попуштајќи го, или стегајќи, зависно од потребата и саканиот правец.

Народот со огромна недоверба кон судската власт, постојано ја критикува, посочувајќи конкретни предмети и одлуки за кои никој нормален не може да најде ниту оправдување, ниту логика, освен судските портпароли и главешините, кои личат на обесчестен, кој упорно ја брани честа.

Наместо реално да ја согледаат состојбата, да ги дијагностицираат болестите и да преземат чекори на лекување, тие упорно тврдат, како е се во ред, а новинарите, професорите, адвокатите, дипломатите, марсовците и рибарот Климе се виновни за таквата перцепција и гласот на кој се наоѓа судството.

СУДСТВОТО НА СМРТНА ПОСТЕЛА

А, реалната состојба е уште полоша од онаа која народот ја гледа. Како што еден ја прогласи на времето короната за ” умрена”, така и судството ја испушта последната смртна воздишка.

Едно од основните права на граѓанинот, е да  му  суди  независен  и  непристрасен  судија и тоа право е, воедно, и гаранција  на  општеството  дека  судската  власт  ја  исполнува  должноста  што  и е доверена  со  Уставот .

Независноста  на  судството  се  огледа  во  неговата  независност  и самостојност во  однос  на  органите  на  законодавната  и  извршната  власт,  но  и  во однос  на  политичките  партии,  државните  и  сите  други  институции,  центри  на  моќ,  јавно мислење  и  во  однос  на  сите  други  извори  на  можни  притисоци.

Состојбата  на  судската  независност  во  една  земја  не е само прашање на законските решенија, туку е тоа животна пракса на условите и околностите под кои се правораздава, а тоа не  се  одредува  само  со  законите кои  се  однесуваат  на  ова  прашање. Таа  е  резултат  на  почитувањето  на   независноста на  судството  во  праксата,  на  условите  и  на  околностите  под  кои  се  спроведува правдата.

Судиите  не  се  независни  само  затоа  што  законот  тоа  го  вели, туку тоа се гледа и во решеноста  на  судијата  како  личност  да  ја  брани независноста  и  самостојноста  на  судството  и  секогаш  да  суди  по  закон,  во  сите  случаи и  во  секоја  прилика,  без  оглед  на  последиците.

Перцепцијата  на  судиите  за нивната  независност  е  исто  толку  суштинска  за  независноста  на  судството,  колку  што е  и правната  рамка. Независната  положба  на  судијата  е  загарантирана  со  Уставот,  домашните  закони  и меѓународните  договори  ратификувани  со  Уставот,  кои  обезбедуваат: објективни постапки  на  избор  и  разрешување,  неограничен   мандат, непроменливост  и неподвижност,  имунитет  и  плата  што  гарантира  сигурна,  самостојна  и  независна материјална  и  социјална  положба.

Но и покрај ваквите законски решенија и гаранции по последната спроведена анкета во која резултатите покажаа доста загрижувачка состојба, денес години потоа, состојбата е повеќе од алармантна. Праксата покажува   дека  обидите  за  влијание  врз  одлучувањето  се случуваат  често  и  во  поширок  обем,  па самиот  факт дека  овие  обиди  постојат,  остава  простор  за  сомнеж  во  судскиот  систем  и независноста  на  судијата.

АНКЕТАТА НА ОБСЕ

Уште анализата  на  Набљудувачката  мисија  на  ОБСЕ  во  Скопје покажа  дека значителен  дел  од  анкетираните  судии  (421 од тогашните 650) изјавиле  дека  биле  изложени  на  обиди  за остварување  влијание  врз  нивната  работа,  особено  од  страна  на  извршната  власт  и политичките  партии. Најголем  дел  од  испитаниците,  сметаат  дека  заштитните механизми  од  надворешните  влијанија  не  функционираат.

Судскиот  совет,  кој  е надлежен  за  многу  одлуки,  кои  се  од  исклучителна  важност  за  професионалната кариера  на  судиите,  од  страна  на  најголем  дел  од  испитаниците,  е  перципиран  како пристрасна  и  зависна  институција,  која  и  самата  е  подложна  на  надворешни  влијанија.

Судиите  во  таа анкета ги  сметаат  извршната  власт  и политичките  партии  за  најголем  извор  на  притисоци  врз  судството. Судскиот  совет  –  органот  надлежен  за одлучување  по  однос  на  професионалното  напредување  и  дисциплинската одговорност  66%  од  анкетираните  судии сметаше  дека не  ја извршува  соодветно  својата  функција  и  не  дејствува  независно.

Години по спроведената анкета и ниту една спроведена реформа , а имајќи ги во предвид денешните законски и кадровски  решенија, начинот на практикување на власта од страна на извршната власт како и десетици контроверзни предмети, сомнителни одлуки, изјави на првите луѓе во власта и перцепцијата на јавноста, судството е во очајна состојба на смртна постела.

Моменталната власт и покрај тоа што ја освои власта во добар дел поради ветувањата за спроведување на коренита правосудна реформа, не само што не ја спроведе, туку го урниса и она малку што беше останато. Не направи ниту чекор за ослободувањето на политички заробеното судство, туку напротив со катастрофалните законски решенија и својот однос го доразнебити.

Со законските решенија СЈО прекина да постои, неговите предмети се влечкаат со години по судниците, а квалитетот на доказите и подигнатите обвиненија јавноста можеше да ја оцени преку исказите на наместените сведоци, паушални тврдења и немање на правосилна завршница години потоа.

Со законските измени со највисокиот судски орган кој ја гарантира независноста на судството раководи стручен соработник, а со други законски измени долгогодишните стручни соработници по судовите не можат да станат судии, затоа што немаат завршено академија која на оној од Судскиот совет не му треба.

Постојаните коментари на првите луѓе на извршната власт со брифирање на јавноста до каде се истрагите на определени предмети, или лицитирање со казните во други судски предмети, како и заштита на луѓето кои се огрешиле од словото на законот и нивно јавно оправдување од страна на носителите на извршната власт и багателните казни за нивните миленици, само  уште повеќе го оцрнија судството и ја запечатија недовербата во неговата независност и самостојност.

КЛИЕНТАЛИСТИЧКО ОДНЕСУВАЊЕ

Покрај влијанието на политиката и самите судии со своето клиентелистичко однесување, но и со своето незнаење и апсурдните таканаречени ” правни” ставови на Апелациониот суд и контроверзни одлуки и самите придонесуваат за катастрофалните состојби и негативната перцепција на јавноста и недовербата кон судството.

Да знаат граѓаните што се случува по судските ходници, кулоари и судници тешко дека би се решиле да бараат таму правда. Дување во иста тиква со обвинителството, немање на храброст за донесување на ослободителни пресуди (исклучително ретки), храброст за одбивање на обвинителните акти при оценка на истите ( нема ниту една) , сведување на мерката притвор на најкратко можно време и нејзина замена со поблаги мерки, а не автоматското продолжување, со месеци не пишување и не доставување одлуки, носење на необразложени и нелогични и спротивни на закон одлуки, се само мал дел од она зошто за  судството владее вакво мислење и недоверба.

За каков функционален судски систем зборуваме кога ниту еден од обидите за  влијание  врз судиите, а кои според нив самите се  случуваат  често,  не е непријавен, забележан  и  казнет. За каква  состојба  на  независност  може  да  стане  збор  во  еден  судски  систем, во  кој самите  судии  сметаат  дека  нивните  колеги  не  се  независни и кога сите молчат за она што им се случува. Како е тогаш можно граѓаните да имаат доверба во такво судство во кое ниту самите судии не веруваат.

Она што итно веднаш мора да се направи, покрај развивање  и  примена  на  институционалните  гаранции , е коренита и длабока реформа во која ќе се санкционираат сите судии кои подлегнале на притисокот. Судии, кои  носеле незаконити одлуки и несовесно и неквалитетно ја извршувале својата функција. Но, тоа никако не смее да го спроведе Судскиот совет, кој е извор и причина за таквите состојби и кој прв треба да биде санкциониран.

Сето ова нема да даде резултат се додека не настанат промени во менталниот склоп на судиите, кои треба да се свесни за својата улога, правата, но пред се и одговорноста, која ја имаат во правораздавањето.

Тоа може да се постигне само со доследна и практична примена на гаранциите за независност и самостојност, кој ќе ги примени и заштитува Судскиот совет, но со поинаков состав, кој ќе има морален и стручен кредибилитет, неоптоварен од партиските и националните политики, со востановени начела на одговорност за своето работење и резултатите.

Поврзани новости