Кога фирмите живеат во страв од власта, производството на страв е најголемиот бизнис!

by Фокус

Текстот е објавен на 24-ти февруари 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 869

Пишувал
Младен ЧАДИКОВСКИ

Деновиве сме сведоци на една навидум сериозна проекција за иднината на македонската економија во следните десет години. Бизнисмените од Стопанската комора на Македонија излегоа со визија за тоа како би требало да изгледа Македонија во 2022-та, правејќи релативно нормална претпоставка на движењата во економијата, базирани на дел од сегашните бројки, но и на сопствената замисла за тоа, какви се перформанси една нормална европска држава би требало да има.

Не треба човек да е ниту премногу аналитичен, ниту премногу умен, ниту премногу оптимист, за да посака добра патна и енергетска инфраструктура, гасификација, намалена  зависност од увоз на струја, нови вработувања, пораст на економијата..!

Оваа визија за 2022-та, за иднината на Македонија, во многу нешта потсетува на визијата „Македонија 2025“, што своевремено ја наметнаа бизнисмените под водство на најпознатиот македонски деловен човек во дијаспората Мајк Зафировски.

Уште во 2006 година, кога на власт дојде Никола Груевски, чиј имиџ тогаш се врзуваше за технократската школа на проевропските бизнисмени, се создаде оваа групација „Македонија 2025“, која промовираше една цел: конкурентност на економијата, што во 2025  година ќе биде блиску до европските, и стандард на граѓаните блиску до земјите кон кои сака да се доближи Македонија.

За ова да се оствари, беа идентификувани неколку сегашни слабости на кои треба да се работи:  стратегија за развој, две до четири гранки во кои земјата би била конкурентна, создавање нова бизнис идеологија, која не почива на партиски основи, неселективна битка со корупцијата.

Пред шест години, таквата замисла беше дочекана како најлогичен патоказ за една економија што ја завршуваше транзицијата, за една земја која со крупни чекори се приближуваше до НАТО и ЕУ. Дури, визијата за 2025 година на многумина им се виде далеку, очекувања беа дека работите би можеле да одат и многу побрзо.

ЗОШТО ЗАПРЕА РЕФОРМИТЕ?

Излезе дека едно се желбите, а сосема друго е реалноста. Денес проекциите и на Зафировски, а и овие од пред неколку дена на Бранко Азески, изгледаат како далечно остварлива цел. Повеќе наликуваат на желба или обид за придвижување на работите, одошто како цел, во која и самите веруваат. Постојат низа причини зошто е тоа така, а бизнисмените веројатно најдобро можат да ги препознаат.

Клучната причина што Македонија ја доведе до ова дереџе – со неверување да се гледа на проекциите на бизнисмените, е односот што власта го негува кон бизнис секторот. Наместо очекуваниот технократски пристап, со кој требаше да се завршат реформите, настапи нова ера. Портокаловите преродбеници донесоа и воспоставија правила на игра за бизнисмените, во кои царуваа партиската боја и послушноста.

Начинот на кој власта, како најголем работодавач во земјата, почна да го практикува бизнисот, значеше дека за оние што не се со неа, ќе нема бенефиции. Спротивно, за оние што ќе стават портокалова значка, бизнисот почнува да цвета. Така, големите тендери се делеа и се делат против, или на самата граница на легалноста, јавни набавки се спроведуваат само за фирми блиски до партијата на власт.

Ако денес погледнете кои се носителите на главните тендери, ќе препознаете дел од големите бизнисмени кои растеа под капата на СДСМ, но брзо и успешно се прилагодуваа на новата реалност – Минчо Јорданов, Страшо Милковски. Во исто време, се создаде нова генерација бизнисмени, предводени од младиот Орце Камчев, кои, како сигурни играчи на врвот на ВМРО ДПМНЕ, направија необорлив пандан на бизнисмените кои царуваа минатите две децении.

По апсењето на Јорго Ќука, како еден од главните експоненти на ,влашкото лоби, пораката за таканаречените олигарси веќе беше доволно силна. Така, во сенка останаа моќниците, кои со приватизацијата успеаја да создадат бизнис империи, како Штерјо Наков, за кои денес е успех да се одржува групацијата, во која патем речено има и медиуми.

По она, пак, што му се случи на Велија Рамковски, чија бизнис логистика (која почиваше на првата приватна и најмоќна телевизија во земјата) бескрупулозно беше урната за шест месеци, само затоа што Рамковски јавно повика дека не се согласува со политиката на Груевски, на бизнисмените им стана јасно дека со фамилијата нема шега. Кога малку подоцна на удар дојде и Фијат Цаноски, затоа што ја напушти владината коалиција, беше сосема очигледно дека бизнис системот веќе никогаш нема да биде ист.

СТРАВ И ПОСЛУШНОСТ

Тој денес функционира врз база на страв и послушност, во која главно мерило за успешноста се добивањето на владините тендери. На другиот крај од стапот е власта, чии инспекции денес тропаат на врата на секоја фирма која има малку посериозен обрт на пари. Без разлика дали станува збор за кафулиња или за погони, за извозни или за услужни фирми.

Бледилото е надополнето со медиумската слика, каде за ваквите случувања најчесто ниту се зборува, ниту се пишува. Со двете најсилни телевизии раководат луѓе, директно поврзани со владината коалиција – Љубисав Иванов и Борис Стојменов. Во таа атмосфера, бизнисмените заборавија да зборуваат за сегашноста и почнаа да прават приказни за иднината.

Денес, ако прашате некој бизнисмен, дали има некакви забелешки за односот на власта кон фирмите, јавно нема да проговори ништо. Зад камерите, или зад диктафонот, се жалат дека не можат да припарат до владините тендери, дека ако земат некоја работа од државата, не можат да ја наплатат, а, ако не се на приоритетната листа, со месеци им должат за повратот на ДДВ.

Никој официјално нема да проговори дека казнената политика е во функција на дисциплинирање на непослушните бизнисмени, дека казните се делат од ракав, дека погони се затвораат и за најмали грешки во работењето..!

Во нивно отсуство, ставовите главно ги канализираат опозициските политичари, кои од друга страна се немоќни да се наметнат како силен одбранбен механизам за компаниите. Напротив, фирмите бегаат од било какви допирни точки со опозицијата, оти тоа е сигурен модел за уништување на бизнисот. Ретки се оние што успеваат сериозно да се наметнат, а да немаат силна партиска логистика во власта.

ИГРА ПОД РЕФЛЕКТОРИ

Бизнисот мора да излезе од стегите на политиката, доколку главните актери во создавањето на деловната клима навистина сакаат да ја видат Македонија како нормална европска држава. Само така ќе се подобри деловната клима, а не со шминки, за да се задоволат техничките стандарди на меѓународните институции.

Тогаш, гилотината, како изум на оваа влада, нема да се користи за сечење глави на непослушните бизнисмени, туку, како што првобитно беше замислено, фирмите да се ослободат од непотребниот товар на закони и прописи. Попусти се лелекањата на фирмите дека се казнува за сѐ и сешто, кога ниту тие се гласни, ниту има кој да ги чуе. Искоренувањето на стравот, втемелен во секојдневната работа на газдата и на обично дуќанче, како и на голема компанија, треба да биде процес кој ќе почне денес.

Оттука, сѐ појасни стануваат укажувањата на експертите, зошто Македонија мораше порано да ги почне преговорите за членство во ЕУ и да стане членка на НАТО. Членувањето во овие клубови ќе значеше игра под рефлектори, во која нема место за самоволие на власта и за тренирање на строгост за непослушните.

Ќе значеше и охрабрување за уплашените бизнисмени, да го кажат тоа што навистина го мислат за сегашноста, бидејќи, без тоа, иднината базирана на нивните визии за Македонија по 10 или 15 години е филм што никогаш нема да го гледаме!

БИЗНИСМЕНИТЕ СЕ ЖАЛАТ, АМА – ТАЈНО!

Неодамна, во интервју за дневен „Фокус“ лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, рече дека бизнис климата е неподнослива:

„Биз­нис­ме­ни­те се пла­шат од каз­ни, од инс­пек­ции, од УЈП, па, во крај­на ли­ни­ја, и од мон­ти­ра­ни кри­вич­ни при­ја­ви и МВР. Др­жа­ва­та, ме­сто да прет­ста­ву­ва сер­вис на сто­панс­тво­то, се пре­тво­ри во не­го­во стра­ши­ло. Се пла­шат де­ка не­ма да до­би­јат по­врат на ДДВ или да си ги нап­ла­тат из­вр­ше­ни­те ус­лу­ги кон др­жав­ни­те ин­сти­ту­ции. Фир­ми­те се пла­шат ду­ри и да по­диг­нат до­ку­мен­та­ци­ја и да учес­тву­ва­ат на тен­де­ри, да не на­ру­шат не­ко­ја прет­ход­но до­го­во­ре­на уј­дур­ма на вла­ста, па да ри­зи­ку­ва­ат да би­дат ста­ве­ни на цр­на­та ли­ста за от­стрел. Не­ма биз­нис­мен ко­го сум го срет­нал и кој на­са­мо не ми ка­жал де­ка си­ту­а­ци­ја­та е ка­та­стро­фал­на, но, за жал, ретко кој се ос­ме­лу­ва за тоа да про­го­во­ри јав­но“ – рече Црвенковски.

МАКЕДОНИЈА 2025, ПРОМОВИРАНА ВО 2006-TA

– Агресивен развој на економијата,
– Интеграција со светска економија,
– Конкурентност близу до земјите во ЕУ,
– БДП по жител близу до европскиот просек,
– Идентификување на 2 до 4 главни гранки,
– Создавање нови претприемачи,
– Неселективна битка со корупцијата!

МАКЕДОНИЈА 2022, ПРОМОВИРАНА ВО 2012-TA

– Годишен раст на економијата од 6%,
– БДП по жител од 6.000 евра,
– стапка на вработеност од 46%,
– 100.000 нови работни места,
– Современа железничка пруга до Солун, Софија, Тирана,
– Автопати од Скопје до Гевгелија, Штип, Охрид,
– Целосна гасификација!

МАКЕДОНИЈА 2011-TA

– Бизнис клима зависна од политиката,
– Животен стандард 5 до 6 пати помал од ЕУ,
– Невработеност 31 %,
– Сиромаштија 30 %,
– Железничка инфраструктура – руинирана,
– автопати од Скопје кон Гостивар, Куманово, Велес,
– Гасификација – делови од Скопје и Куманово!

Поврзани новости