Кога болно детенце на сите маки ќе ни се насмее, исполнета е нашата цел, вели суперхероината Кристина

by fokus

Кога работиш во Црвен Крст, треба да си подготвен и емотивно да ги издржиш задачите кои ти се зададени- вака за ,,Фокус” ја започнува својата приказна детската хероина Кристина Георгиевска, 21-годишна девојка, која вчера им го разубави денот и ги расположи децата кои се хоспитализирани на детската клиника во Скопје.

Таа, облечена во костим на Супермен, заедно со волонтери од тимот за спасување на планина при Црвен Крст, кои исто така се појавија во костими на суперхероите од цртаните филмови, во друштво на Дедо Мраз, спуштајќи се на јажиња пристигнаа на терасите на клиниката и донесоа новогодишни пакетчиња за децата.

Околу тоа какво е чувството да им донесеш радост на малите пациенти кои претпразнично не можат да бидат во своите домови бидејќи водат битка со некоја болест, Кристина, која е дел од традиционалната активност ,,Да подариме насмевка”, која се одржува по четврти пат, вели дека емоциите се помешани.

Има разни анегдоти со децата, но има и трогателни слики, кога мали дечиња, и покрај тоа што не се чувствуваат добро, сепак забораваат на болката и успеваат со искрена насмевка да ги пречекаат хероите и Дедо Мраз, појаснува Георгиевска.

-Во еден од одделите каде ги делевме пакетчињата се случи едно мало бебе да ни ги разнежни срцата на сите, кога со цела своја насмевка, покрај сите проблеми, му аплаудираше на Дедо Мраз и остана долго време во неговите раце. Тогаш знаевме дека сме успеале во нашата цел-вели таа.

 

Додава дека ,,Да подариме насмевка” ја спроведува Црвен Крст на Град Скопје четврта година по ред, а таа заедно со колегите од тимот за спасување на планина традиционално се маскираат, со цел на малите пациенти да им го разубават престојот,но и да им ја доловат новогодишната магија со омилените суперхерои.

-Со оваа активност ги мамиме детските насмевки и со радост децата ги очекуваат ликовите од цртаните да се спуштат по јажето и да го добијат новогодишното пакетче. Во една од предходните години Спајдермен од страна на едно детенце доби прашање зошто тој се спуштил со јаже кога треба да се спушта со пајажина.

Ова прашање не насмеа сите кои бевме на терасата, а Спајдермен низ шега одговори дека оваа година го смени начинот на работење и му беше важно само новогодишните пакетчиња да стигнат до нашите најдраги.

Единствената наша цел е да ги видиме нивните лица насмеани, за нас е тоа најголема радост. Оваа работа најмногу ја сакам и затоа што не само што мами насмевка на лицата на децата, мами насмевка и кај нас самите.

Минатата година се случи дури и на Дедо Мраз да му треба асистенција кога неговата брада поради трема се закачи на јажето, па малите ,,елфови” беа тука да му помогнат-вели Кристина.

Се надева дека и во иднина ќе се продолжи со оваа благородна традиција која секогаш ги разнежнува срцата на волонтерите, а им носи радост на децата.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости