Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на новинарско прашање дали ќе се намалат функционерските плати откако тие минатата година по одлука на Уставниот суд се зголемија за 78% одговорила дека решението не е во намалувањето, оти додека министрите работат многу и напорно, други се одмараат на викенди и празници, притоа додавајќи дека доколку се планира платите да се намалат, таа ќе замине од позицијата.
-Не знам што ќе правиме, но ако планираат да ги намалат, јас заминувам. Еве, платата на министер е 115 000 денари. Јас приватно работев и повеќе заработував. Не мора да бидам тука, нека дојде друг тука да се справува, додека се тие по одмори, јас и сабота и недела бев на работа. И немав платено прекувремено, изјавила министерката за финансии, пренесува Телма.
Дополнително, Димитриеска-Кочоска им посочила на новинарите да прашаат по институциите со дополнително управни одбори колку земаат и колку фамилијарно се земаат примања, кој како е врзан и што се се прави.
-Дајте ми една причина, министри со вакви нервози и стресови-зошто треба да останам. А најмногу се критикувани од новинарите и не се лутам за тоа. Проблем се директорите, кажала Димитриеска-Кочоска.