Пратеникот од Европскиот фронт и лидер на едно од крилата на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, смета дека поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев влијаел и придонел лидерот на конкурентската ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Христијан Мицкоски да постигне апсолутна победа на изминатите двојни избори.
Во интервју за неделникот „Фокус“, Села истакна дека „држи тезата оти ВМРО е помогната за да постигне апсолутна власт“, а, како што посочи, за жал поддржувачите и членството на СДСМ во овој случај се жртва. Токму по иницијативите за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, додава тој, бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев бил ставен на „црната листа“ на САД.
-Кога зборувам за овие феномени претпочитам да зборувам за политички збиднувања и јавни изјави во минатото. Дали имаше изјава меѓу Мицкоски и Заев за време на кампањата и дадена рака меѓу нив дека ќе направат коалиција по изборите меѓу ВМРО и СДСМ со исклучување на албанскиот политички фактор? Тоа се случи во студио за време на кампања, 2020 година. Тоа е најава.
Потоа проструи, исто така, една информација по медиумите дека треба да се направи коалиција меѓу ВМРО и СДСМ, со исклучување на ДУИ додека станеме рамноправна членка на ЕУ. Но, за таква најава постои ризик. И во време на СФРЈ сме имале претставници во власта, но не го претставувале народот.
Исто е сега со легитимитетот за кој зборуваме. Јас имам право да се сомневам. Да земаш политички губитник кај Албанците како дел од власта, па потоа да создаваш ситуација кога ќе немаш потреба од организирана партија кај Албанците, па ќе земеш индивидуалци Албанци, па на Албанците ќе им кажеш еве имате претставници во власта. Оваа идеја наликува многу на тоа што Заев правеше…
Имаше информација и за средби меѓу Заев и Мицкоски, со олигарси внатре. А дали имаше ставање на „црна листа“ на некои олигарси по овој период? Кочо Анѓушев после овие иницијативи беше ставен на црна листа. Кога веќе јасно се покажа од страна на меѓународниот фактор дека таква идеја е неприфатлива, бидејќи ќе удира врз стабилноста на државата, а за целта зошто тие го правеа тоа немам информации, но претпоставувам дека се работи за бизнис зделки.
Не е во ред во општество како Македонија да се зборува за корупција, корупција, и да се ставаат во заборав некои што биле премиер долги години. Кој е договорот?… Ги паметите и сликите и она кога се појавуваше Сашо Мијалков кога цела држава се прашуваше каде е, а кога тој се појавуваше, имаше новинар што го чекаше да излезе. Сега, да не се правиме наивни.
Кога не може да се постигне такво нешто преку договор меѓу македонските политички партии, бидејќи тоа директно удира врз стабилноста на државата, зашто тоа може да го прави и албанскиот политички фактор како одговор на таква иницијатива, тогаш што правиш? Ги соединуваш гласачите и за тоа никој не може да ти забележи, зашто ќе велиш дека тоа е волја на гласачите – вели Села.
Воедно, тој не верува оти Заев не замешал прсти во уште една политичка разврска од висок интерес, а тоа е бегството на експремиерот Никола Груевски. Имено, Села посочува дека Гуевски избегал во Унгарија со знаење на Заев. Според него, Заев во Груевски гледал проблем поради високиот рејтинг, и покрај тоа што во тој период против него се покренуваа кривично-правни постапки.
-На Заев му требаше Груевски да избега како што избега за да падне неговиот рејтинг кај граѓаните и пред неговото членство. Мислам дека тоа му отвори пат на Груевски да избега, зашто многу држави треба да се поминат, не е толку едноставна таа работа за таква политичка фигура – рече Села, кој додава дека слушнал информации дека претходната власт сакала да го врати Груевски, но тој не бил дел од таквите планови.
Влатко Стојановски