Кочан нема веднаш да оди зад решетки, ќе чека упатен акт, а и ќе бара спас од Врховен

by fokus

Според одлуката на Апелациониот суд за предметот на СЈО „Труст“, бизнисменот Сеад Кочан ќе треба да одлежи 4 години и осум месеци во затвор, а Василије Авировиќ се спаси од затвор, односно наместо три години затвор, според првостепената пресуда, сега доби правосилна условна казна од две години.

Иако пресудата на Апелација за „Труст“ е правосилна, тоа не значи дека Кочан веднаш ќе замине зад решетки.

Обвинетиот најпрвин треба на писмено да ја прими изработената одлука, за која Апелација има рок од 60 дена да ја напише. Потоа судијата за извршување на санкциите на Кочан треба да му достави упатен акт, во кој ќе биде наведен денот кога мора да се пријави во затвор.

-Денот на јавувањето во установата се одредува така што на осуденото лице да му останат најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт, се предвидува во Законот за извршување на санкциите.

Додека го чекаше упатниот акт, екс премиерот Никола Груевски, иако беше правосилно осуден, сепак успеа да избега од државата.

Кочан сламката за спас може да ја бара во Врховниот суд, со поднесување на вонреден правен лек, но и да бара одложување на извршувањето  на казната, како што направи Владо Бучковски, кој и покрај правосилната пресуда никогаш не отиде во затвор. Во меѓувреме Врховниот суд ја укина пресудата за Бучковски и процесот почна од почеток.

В.В.

Поврзани новости