Коалициски ефекти: Шилегов доби поголема помош од ДУИ отколку Арсовска од ААА

by Фокус

Разликите во гласањето за кандидати за градоначалници и советнички листи предложени од исти политички партии покажуваат како профункционирале предизборните коалиции и соработки меѓу коалициските партнери и колкав бил нивниот ефект.

Така, кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, во првиот круг освои 78.244 гласови, додека советничката листа на неговата СДСМ освои 52.692 гласови.

Независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска, пак, освои 86.159 гласови, додека советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ освои 78.895 гласови.

Оттука, Шилегов освои 25.532 гласови повеќе отколку кандидатите за советници од СДСМ, а Арсовска освои 7.264 повеќе отколку кандидатите за советници од ВМРО-ДПМНЕ, главно како резултат на поддршката од албанските коалициски партнери.

Притоа, оваа разлика е поголема кај Шилегов, кој имаше поддршка од ДУИ, која освои најмногу гласови на изборите во споредба со другите албански партии.

Така, Шилегов освои повеќе гласови од Арсовска во Центар, Шутооризари, но пред се Чаир и Сарај. Во сите други општини – Гази Баба, Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, па и Карпош, победи Арсовска.

Поточно, Шилегов во Чаир освои 12.631, наспроти Арсовска која освои 5.118 гласови.

На советничките листи, пак, СДСМ во Чаир освои 2.079, додека ДУИ освои 11.051 гласови, кои очигледно се прелеале кај Шилегов во трката за градоначалници.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во Чаир на советничките листи освои 2.186 гласови, додека коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, која, исто така ја поддржа Арсовска, освои 6.487 гласови.

Со оглед дека Арсовска во Чаир освои нешто над 5 илјади гласови, произлегува дека поголем број од гласачите на ААА не гласале за неа, и покрај тоа што овие партии ги повикаа да ја поддржат во битката за Скопје.

Во Општина Сарај, пак, Шилегов освои 8.450 гласови, а Арсовска освои 2.769 гласови.

Што се однесува до советничките листи, тука СДСМ освои 1.332, ВМРО-ДПМНЕ освои 479 гласови, ДУИ освои 9.054 гласови, додека ААА освои 2.275 гласови.

Разликата во гласови меѓу ДУИ и ААА јасно покажува зошто Шилегов овде доби многу поголема поддршка од Арсовска.

Од доминантно македонските општини, Шилегов во првиот круг направи само минимална предност пред Арсовска во Центар од 663 гласа, додека Арсовска убедливо победи во другите општини.

На пример, таа во Гази Баба беше во позитива од 6.425 гласа, во Аеродром од 6.597 гласа, во Кисела Вода од 5.895 гласови, во Ѓорче Петров од 2.696 гласа, во Карпош од 1.867 гласа, во Бутел од 378 гласа.

Притоа, кога ќе се споредат советничките листи, треба да се има во предвид дека и во овие општини поголем број албански гласачи гласаа за Шилегов поради поголемата поддршка што ДУИ му ја даде нему отколку онаа што ААА и ја даде на Арсовска.

В.С.

Поврзани новости