Коалиција “Сите за правично судење”: Да се намали ризикот за ширење на корона вирусот во судница!

by fokus

Од Коалицијата “Сите за правично судење” ја поздравуваат иницијативата на Министерството за здравство за спроведување на консултативен процес со Министерството за правда, а кој се однесува на примена на мерки за превенција од епидемија на вирусот Ковид- 19 кои би ги опфатиле и судовите.

Нивното соопштение во целост:

-Воедно, би сакале да ја искористиме оваа прилика и да повикаме на внимателност во постапувањето и изборот на мерки за превенција, како би се постигнал соодветен баланс помеѓу заштитата на јавното здравје и спречување на ширење на вирусот со оптималното извршување на судските активности и заштита на загарантираните права и начела на фер и правично судење.

Во оваа насока, Коалицијата Сите за правично судење апелира и до сите надлежни органи на судската власт да ги преземат сите мерки кои ги имаат на располагање, а се во рамките на нивните надлежности, со цел да придонесат кон намалување на ризикот за појава и ширење на вирусот во судниците, а притоа да овозможат редовно функционирање на судовите во насока на заштита на правата и слободите на граѓаните, поточно:

Претседателите на судовите и нивната судска управа да ја информираат јавноста преку јавни соопштенија и известувања на огласните табли и влезните врати во судовите кои ќе ги содржат препораките на Министерството за здравство и Светската здравствена организација во поглед на превенција на ширење на вирусот Ковид- 19, како и да ги информираат сите граѓани кои се јавуваат како странки пред судовите (поточно чие присуство е задолжително на расправите) за постапката и начинот на кој истите треба да го информираат судот доколку имаат симптоми на болеста или биле во некоја од земјите кои се означени како ризични подрачја.

Соопштенијата треба да се однесуваат и на јавноста која присуствува во судот, па соодветно да ги содржат и можните ризици, за себе и за останатите лица, со кои се соочува секое лице кое во својство на јавност сака да присуствува на судењата. Воедно ги повикуваме претседателите на судовите и судската управа да направат напори за обезбедување на соодветни просторни и технички услови за одвивање на судењата (соодветна големина на просторијата во однос на интересот на јавноста за присуство на конкретното судење, овозможување на технички услови за спроведување на видео- конференции, соодветно координирање на активностите и менаџирање на распоредите за судење, дезинфицирање и функционално вентилирање на сите простории во судот итн.) без притоа да се ограничува јавноста на судењето, или поединечното право на секој граѓанин да присуствува како јавност во судница.

Врховниот суд во рамките на своите надлежности да овозможи алтернативни начини за учество на странките во постапките, но и за зајакнување на јавноста и транспаретноста на судењата во ситуација кога присуството на јавноста во судниците носи зголемен ризик за јавното здравје. Овие мерки би се однесувале на снимање и пренос во живо од рочиштата за главна расправа во судовите, залагање за зголемена примена и искористеност на информатичко- компјутерската технологија во судовите, воедначување на праксата за употреба на ИКТ во судовите, како и на зајакнување на процесните гаранции за странките во постапките и неутрализирање на евентуалните предизвици со кои можат да се соочат судовите поради користење на ваквата технологија.

Воедно, го повикуваме Врховниот суд да преземе чекори и во однос на воедначување на праксата за приоретизирање на предметите од страна на судовите, како и во однос на заштита на правото на судење во разумен рок, а во контекст на очекуваниот зголемен број на одлагања на судските расправи.

Судскиот совет да преземе мерки во насока на унапредување на состојбите во судството, зголемување на угледот на судовите и довербата на граѓаните во судството, како и во насока на унапредување на ефикасноста на судството и ефективноста на начините на менаџирање на судовите и координирање на сите активности кои треба да се преземат со цел соодветно да се одговори на предизвиците, особено во вонредни околности, како што впрочем е и моменталната ситуација.

Судскиот буџетски совет да преземе мерки за финансиско зајакнување на судството и за унапредување на финансиското менаџирање, како би се овозможиле подобри технички услови за справување на судовите и судството со вонредни околности, како што е појавата на заразни болести, како и минимизирање на ризиците за појава и ширење на заразни болести во судовите.

Конечно, имајќи ја предвид глобалната состојба со ширењето на вирусот Ковид- 19, очигледно е дека постои потреба за примена на вонредни мерки од страна на надлежните служби со цел да се заштити јавното здравје, што како пример можеме да го видиме и во соседните земји – Бугарија и Грција, каде највисоките судски органи одлучија да ги одложат јавните судења во тек на еден месец, односно да се постапува исклучиво во предметите кои се од висок ризик за застарување и каде станува збор за изречени притворски мерки со подолго траење. Од друга страна, дел од Европските земји (посебно Обединетото Кралство и Германија) и дел од сојузните држави во САД ги интензивираат реформите кои се однесуваат на воведување и зголемена употреба на електронската комуникација и информатичката технологија во постапките пред судовите.

Оттука, сметаме дека е неопходно да се напомене дека преземените мерки треба што е можно помалку да ги ограничуваат правата на граѓаните, а особено правото на правично и јавно судење во разумен рок, како и надлежните институции да го имаат предвид интересот на јавноста за задоволување на правдата и функционирање на правото, се вели во соопштението на Коалицијата “Сите за правично судење”.

Поврзани новости