Книгите допрва ќе поскапуваат

Саем на книга каде се „дишеше“ слободно

by Fokus

Денеска е последниот ден од Саемот на книга во Скопје, кој после две години се врати во затворен простор – салата „Борис Трајковски“. Издавачите со поделени мислења околу посетеноста на овој настан, а општиот впечаток е дека овој Саем на книга не ги оправда сите очекувања.

Филип Баткоски од „Бата прес“ е задоволен што овој Саем на книга поминал без рестрикции и што дошле автори од странство во Македонија.

 

„Многу ми е мило што Саемот на книга се врати на старото место и што конечно послободно дишеме, без мерки и сертификати. Тоа е многу важно, затоа што поканивме тројца странски автори и сите дојдоа. Многу сме задоволни од тој аспект. Првиот ден од овој настан не исплаши поради слабата раздвиженост. За среќа, викендов беше плоден ден и имаше голема раздвиженост“, вели Баткоски за „Фокус“.

Војната во Украина предизвика сериозна светска криза и поскапување на сите производи. За жал, такво нешто најверојатно ќе се случи и со цената на книгите.

„Мислам дека кризата се уште не се чувствува од покачувањето на цените. Се чувствува повеќе поскапувањето на хартијата и печатењето и тука имаме проблем. Ќе мора да ги поскапуваме книгите, а тоа ќе наиде на отпор кај купувачите. Но, знам дека вистинските љубители на книгата наоѓаат начин да дојдат до добро дело“, го заврши разговорот Баткоски.

Јорданчо Цветаноски

 

Поврзани новости