Колекцијата на книги од првото издание и џез сувенири кои му припаѓаат на починатиот тапанар на Ролинг Стоунс, Чарли Вотс, ќе се најдат на аукција во септември.
Повеќе од 500 артикли, вклучувајќи го и првото издание на „Големиот Гетсби“ со натписи од авторот Ф. Скот Фицџералд, според аукциската куќа Кристи, ќе биде понудена во продажба во Лондон на 28 септември и онлајн продажба помеѓу 15 и 29 септември, јави Си-Ен-Ен.
„Чарли Вотс има уникатна позиција во музичката историја и Кристи е горда што им оддава почит на неговите извонредни достигнувања и повеќеслојното наследство“, изјавија во понеделникот во изјавата за печатот специјалистите на Кристи, Бенедикт Винтер и Марк Вилтшир.
„Чарли ја изгради својата колекција на модерна литература и џез со страст, интелигенција и посветеност, а оваа аукција во два дела го слави неговиот истакнат колекционерски вкус“, додаваат тие.
Музичарот, кој почина во август 2021 година, го имаше она што Кристи го опишува како „најретките достапни изданија“ на книги од реномирани автори како Џорџ Орвел, Агата Кристи и Џејмс Џојс. Се очекува тие да се продаваат за помеѓу 800 и 300.000 фунти (1.020 до 383.000 долари).
Колекцијата вклучува и предмети кои некогаш им припаѓале на џез легендите, вклучувајќи го и омилениот саксофонист на Вотс, покојниот Чарли Паркер.
Паркер, за кого Вотс напиша книга за деца, го предводеше развојот на модерната џез-форма bebop, а понудувачите ќе имаат шанса да ги добијат неговите лични работи, вклучително и неговата членска картичка за здружени музичари и пар од неговите награди Down Beat од 1952 година. .
Ќе бидат понудени и партитури кои му припаѓаат на американскиот композитор Ирвинг Берлин, заедно со печатената партитура на Џорџ Гершвин за неговата опера „Порги и Бес“ од 1935 година. Се очекува да се продаде до 15.000 фунти (19.000 долари).