Новата книга за деца, со најубавите бајки на сите времиња, „Си беше еднаш“, ќе биде промовирана на 11 април (четврток), со почеток во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. На настанот ќе учествуваат: уредничката Оливера Ќорвезироска, која ги направи изборот и адаптацијата на бајките, илустраторката Наталија Лукомска и книжевната теоретичарка и професорка Калина Малеска, која ќе биде во улога на промотор.
Книгата „Си беше еднаш“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за внимателно селектирани и спакувани во ново руво, 52 бајки од Ханс Кристијан Андерсен, браќата Грим и Шарл Перо, по една за секоја недела во годината.
Оваа книга-ковчеже има и „златно клуче“ за отклучување и влез во најубавите бајки на сите времиња. Секое дете има право на своја прва средба со бајките со кои пораснале генерации и генерации претходно, заедно со нивните родители, нивните баби и дедовци. Да им читаме на децата покрај нас и во нас, да читаме заедно со нив, за заспивање и за будење, за воспитување и за уживање, за развивање на мечтите и на чувството за праведност. Бајките се најсигурниот патоказ кон нивната иднина.
„Си беше еднаш“ (Најубавите бајки на сите времиња) е голема книга за малите читатели со нова, уедначена раскажувачка адаптација на Оливера Ќорвезироска (соодветна и примерена на новото време и на новите генерации читатели) и раскошни илустрации од Наталија Лукомска, во која можат да се најдат и неколку бајки што првпат се преведени и адаптирани на македонски јазик.
Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи. Автор е на следниве книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница), „Отвораат ли сништата работа“, „Еден текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни). Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик.
Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“. Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.
Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје. Има дипломирано на Шлезискиот универзитет во Катовице, полонистика и славистика, каде што го има изучувано македонски јазик. Во Македонија има дојдено како професор по полски јазик на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Денес, се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Досега има илустрирано 15-тина книги за деца. За нејзините илустрации има добиено повеќе награди. Предава полски јазик и преведува книги.
Покрај „Си беше еднаш“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, со нејзини илустрации досега се објавени и сликовниците: „Ши, ѕифри, копчи“ од авторот Владимир Лукаш и „Ремек-дело“ на Дејан Алексиќ.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР