Книга за Хари Потер купена за неколку центи, продадена за повеќе од 12.000 евра

by Fokus

Првото издание на книгата за Хари Потер, купено од библиотека за само неколку центи, е продадено на аукција за 10.500 фунти или повеќе од 12.000 евра.

Изданието Хари Потер и Филозофскиот камен на првиот дел од серијата е едно од 500-те дела што се појавија на аукција по смртта на колекционерот од англискиот град Стафордшир претходно оваа година.

Според зборовите на аукционерот Ричард Винтертон, највисока цена за книгата понудил онлајн купувач од Лос Анџелес, јавува Би-Би-Си.

„Ние сме апсолутно воодушевени од резултатот“, рече тој.

Оваа копија на Хари Потер и Филозофскиот камен, објавена во 1997 година, е една од 300-те копии испратени до библиотеките и е купена од библиотеката Вулверхемптон од човек кој живеел во Барнтвуд.

На книгата сè уште стои идентификацијата на библиотеката, налепницата со буквата „Ј“, маркичката за повлекување и продажната цена од „30 пени“ или околу половина евро.

Сопственикот на книгата ненадејно починал на 55-годишна возраст, а истата ја пронашол тимот на аукциската куќа на Ричард Винтертон.

Поврзани новости