Сведокот Гоце Трајковски, кој е еден од клучните сведоци за убиството на Вања и Панче, и понатаму е недостапен за Обвинителството. На денешното рочиште обвинителката истакна дека од МВР добиле инфотмација дека Трајковски не е пронајден на адресата на живеење.
Судијата Ивица Стефановски истакна дека и судот ќе се обиде од МВР да добие одговор за сведокот, па во случај да не биде пронајден, Обвинителството ќе се изјасни дали неговото сведочење дадено во истрага ќе биде прочитано во судница.
Кога Трајковски не се појави на едно од рочиштата, неговата мајка Кираца Трајковска, исто така сведок за случајот, го оправда дека имал паничен напад и висок крвен притисок. Од обвинителството пак неодамна информираа дека сведокот е осомничен за кривично дело и оттогаш е недостапен.
„Во однос на сведокот Гоце тој е осомничен и за друго тешко кривично дело и во моментов тој е недостапен. Осомничен е за палење на обејкт во кој над објектот живеат станари, станува збор за тешко дело, каде две лица соизвршитеи се во притвор. Тоа се случило на на 13-ти ноември и има соопштение за опожарено кафуле во Кисела Вода“, информираше обвинителот Гаврил Бубевски.
Инаку Трајковски е поврзан со фамилијата на таткото на Вања, Александар Трајковски, односно биле старо кумство. Сепак, иако се немале видено со години, тој прв доаѓа во станот на исчезнатото девојче и се нуди за помош во потрагата.
Неговото сведочење е важно, бидејќи тој доаѓа до клучни снимки од видео камери уште пред тие да стигнат во рацете на полицијата и прави поврзување на двата случаи, исчезнувањето на Панче со Вања, и на двете возила, онаа на исчезнатиот велешанец со ,,реното кангу” на партијата Десна.
В.В.