Клубот за младински прашања и политики во Собранието треба да прерасне во формална комисија која ќе може поефикасно и поактивно да ги застапува младите и нивните политики во законодавниот дом – ова е заклучокот од дебатата во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи на која учествуваа повеќе младински организации и дел од младите пратеници од повеќе политички партии.
На настанот беше презентиран Документот за идно дејствување на Клубот млади пратеници кој е изготвен од страна на ИДУЕП и Фондацијата „Фридрих Науман“ со цел предлог конкретни активности и мерки кои ќе водат кон подигнување на младинскиот стандард во земјата.
Настанот кој се одржа во Собранието, имаше за цел дополнително вмрежување на пратеничките и пратениците со различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади. Преку ваквиот пристап треба да се зајакне улогата и вклучувањето на младите луѓе во процесите на одлучување на сите нивоа на власт.
Документот со препораки на ИДУЕП е дел од шестмесечен консултативен процес во кој беа вклучени различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади, а започна со организирање на јавниот настан на тема „Како до подобар младински стандард во 2023 година?“ кој во текот на месец декември 2022 година се организира во директна соработка со Клубот за младински политики при Собранието.