Јирген Клоп официјално е селектор на Германија до јуни 2030 година. Поранешниот менаџер на Ливерпул постигна конечен договор со Германската фудбалска федерација (DFB) пред околу десет дена, а денес беше официјално претставен.
На почетокот на прес-конференцијата, потпретседателот на DFB, Ханс-Јоахим Вацке, му се заблагодари на „Ред Бул“, кој му дозволи на Клоп да го раскине тековниот договор што важеше до 2029 година, при што Федерацијата се обврза да организира три натпревари во Лајпциг и да донира милиони евра за фондацијата „Wings for Life“.
„Среќен сум што Јирген е тука. Имав чест да соработувам со него седум години. Затоа, знам дека тој е совршен избор за оваа ситуација. Тој ќе се справи со предизвикот. Има способност да ги обедини сите и да постигне резултати. Тоа го правел секаде, па ќе го направи и овде“, рече Вацке.
И Клоп беше добро расположен.
„Голема чест ми е што денес седам овде. Она што ми се случуваше изминативе денови наликува на филм; мислите ми навираат… Каде почна сè, од каде доаѓам? Веќе имав претстава колку е важна работата на селекторот. Но, кога си директно вклучен во тоа, уште повеќе ја чувствуваш големината и одговорноста. Знаејќи од каде потекнувам, беше незамисливо дека некогаш ќе дојде до ова. Многу посебен ден за мене. Сакам да им се заблагодарам на сите што го овозможија ова“, изјави Клоп.
Потоа тој зборуваше за важноста на актуелниот момент за германската репрезентација.
„Ако некој не се грижи за иднината на германскиот фудбал, не можам да му помогнам. Имаме работа што треба да се заврши. Дадов неколку интервјуа, но не можам да кажам дека нешто сум пропуштил. Бев изненаден од тоа колку брзо се појавија работите. На патот по кој треба да одиме, важно е да му дадеме предност на правилното постапување пред брзината. Не почнувам од нула; со себе доведов и соработници. Ова не го правам за себе.“
Тој рече нема да бега од критики.
„Критикувајте ме ако нешто не функционира. Со задоволство ќе работам на тоа. Сè се сведува на работа. Јирген Клоп нема кариера по репрезентацијата. Во идеални услови, ова би било врвот на мојата кариера. Денот кога повеќе нема да ме сакаат, ќе ми кажат. И јас си заминувам. Без отпремнина“ рече тој.
Клоп ги предупреди медиумите во врска со насловите:
„Ако утре кажете дека ’тој‘ не чини, си заминувам. Не само еден човек, туку повеќе од тоа. Ако DFB (Германскиот фудбалски сојуз) каже дека ’тој‘ не чини, си заминувам. Ако се однесувате недолично и не го оставите моето семејство на раат, си заминувам“ рече Клоп.
Целта на Клоп е „да не се сфаќа премногу сериозно“. Тој чувствува обврска кон германските навивачи да ја врати репрезентацијата на патот кон успехот.
„Имаме уште неколку недели до репрезентативната пауза. Тоа е доволно време за подготовки. Сите се подготвени. Разгледав 57 играчи. Имавме многу добри играчи на Светското првенство кои не одиграа особено добро. Состојбата е далеку од лоша, но дефинитивно е потребно подобрување“ рече стратегот.