Разговараше: Ирена МУЛАЧКА
ФОКУС: Веќе подолг период, Клиниката за онкологија се соочува со недостиг од лекови, што е страшно, со оглед на тоа што се работи за најтешко болните пациенти, чиј живот зависи од таа терапија.
КЛИСАРОВСКА: Како резултат од овој надоместок што го добиваме доаѓаме и до третиот суштински проблем, а тоа е недостатоците со лекови што ги имаме. Во постапките за набавување на количествата на лековите сме обврзани да ги усогласуваме и ограничуваме според одобрениот условен буџет, а не според реалните потреби. Така адаптирани тие количини, скроени според буџетот уште при распишување на тендерската постапка, мене ми беше јасно дека секаде каде што ќе се скрои и ќе се скрати од реалното, како бумеранг ќе ни се врати по некој месец повторно на удар на клиниката, со периоди на недостатоци на лекови.
ФОКУС: Како го менаџирате тоа?
КЛИСАРОВСКА: Како предуслов во планирањето и од основниот и од условниот буџет годинава, навремено се обезбедија согласностите од Министерството за здравство и од ФЗОМ. Во претходната година, клиниката има доставено согласности за лековите, позитивно е одговорено од МЗ, но Фондот за здравство не ја издал согласноста и навистина не знам од кои причини.
ФОКУС: Како ја планирате терапијата, односно кој пациент ќе добие скапа биолошка терапија, а кој нема
КЛИСАРОВСКА: Планирањето продолжува понатаму со консултации со секој оддел посебно, односно од секој оддел се бара изборот на лекови и количината. Потоа во овие барања можат докторите да дадат промена на евентуалната листа на лекови, дали исклучување на некој лек, дали вклучување на некој нов лек. За ова се дискутира на стручните состаноци и кога конечно ќе биде дефиниран буџетот на клиниката од страна на Фондот, табелата на лекови се прави според финансиските можности.
Имено, крајната вредност на табелата не смее да биде надвор од дозволениот внес.Јас со оглед на тоа дека сум нецела година на оваа позиција, првпат се соочив со моментот да мора да има отстапување од реалната потреба и да има кратење на терапиите.
ФОКУС: И сега поради недоволно пари им се крати терапија на пациентите?
КЛИСАРОВСКА: Тоа е основниот проблем, кој се провлекува.
ФОКУС: Тоа значи дека нема доволно терапија за сите болни од рак?
КЛИСАРОВСКА: Тоа значи дека не можете да ја покриете терапијата и на тие што ги наследувате од претходниот период и продолжуваат да ја примаат, а не за нови пациенти. Веќе постои одреден број пациенти почнати од претходно да го примаат лекот и продолжуваат да го примаат. И најчесто за одредени лекови, само нивната бројка го надминува условеното планирање. Кај ви се новите пациенти што ќе дојдат, кои секоја година ги имаме сѐ повеќе и повеќе и кај ви се овие дополнителни 15 до 20 проценти што секој менаџер во добро планирање на буџетот треба да ги земе предвид. Нам не ни останува простор за такво нешто.
ФОКУС: Колку пациенти можат да останат без терапија?
КЛИСАРОВСКА: Па, голем број. Навистина тоа се големи бројки. Тоа се бројни лекови.
ФОКУС: Барате ли поголем буџет и каков одговор добивате?
КЛИСАРОВСКА: Постојано се укажува со официјални извештаи и дописи дека на нас ни е потребно реално поголем буџет. Сите се аргументирани. Секој може да дојде и тоа да го провери во нашата клиника. Со ФЗОМ имаме добра соработка и се обидуваме секогаш да изнајдеме решение и да ја изменаџираме ситуацијата. Од оваа година тие прават редовни квартални финансиски проверки во нашето работење во делот на условниот надоместок, што мене лично ми одговара многу и го поздравувам тоа. Така транспарентно се следи работењето и навреме да се укаже на евентуална недоследност или грешка.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.