Вирџинија Робертс-Џуфре тврдела дека поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон влегол во канцелариите на „Венити фер“ и барал списанието да го запре планираното објавување на приказна за Џефри Епштајн, покажуваат новообјавените судски документи.
Нејзиното тврдење е изнесено во мејл од мај 2011 година, во кој таа зборува за интервју за промоција на нејзината планирана книга, пишува „Дејли мејл“. Таа рекла дека Клинтон „влегол во Vanity Fair и им се заканил да не пишуваат написи за сексуална трговија со луѓе за неговиот добар пријател Епштајн“.
Сепак, за ваквото нејзино тврдење нема докази и се чини малку веројатно дека поранешниот претседател би интервенирал на ваков јавен начин.
„Ова категорично не се случи“, изјави тогаш портпаролот на тогашниот уредник на „Венити фер“, Грејдон Картер за Телеграф.
Самиот Епштајн, сепак, наводно го спречил „Венити фер“ да објави извештај на новинарката Вики Вард, која ги интервјуирала сестрите Марија и Ени Фармер за нивното злоставување од страна на финансиерот педофил.
Ворд во нејзиниот подкаст од 2022 година вели дека Епштајн и се заканувал, велејќи ѝ: „Имам извештаи за тебе, твојот сопруг – имам сè што ми е испратено од луѓе кои сакаат да бидат корисни“.
Таа, исто така, истакна дека во 2003 година, тогашниот уредник на Венити Фер, Грејдон Картер, ги отстранил нејзините наводи за Епштајн. Картер рекол дека известувањето не ги исполнува нивните законски стандарди, а одлуката ја донеле исклучиво неговите уредници.
Преписката на Вирџинија Робертс-Џуфре беше објавена во четвртокот како дел од документите од нејзиниот случај за клевета од 2015 година против соработникот на Епштајн, Гислеин Максвел, која отслужува 20-годишна затворска казна, додека Епштајн изврши самоубиство во затвор додека го чекаше судењето во август 2019 година.
Поранешниот американски претседател, кој сега има 77 години, долго време инсистираше на тоа дека неговите врски со Епштајн биле на професионална основа, за да ја помогне работата на Фондацијата Клинтон. Тој инсистираше во 2019 година дека за време на четири патувања со приватниот авион на Епштајн, во 2002 и 2003 година, секогаш бил придружуван од придружба на персонал и агенти на Тајната служба.