Во услови кога Скопје се соочува со сѐ поинтензивни климатски и еколошки предизвици како загаден воздух, лошо управување со отпадот, енергетската сиромаштија и недоволна отпорност на климатски шокови, клучното прашањето е: кој има план за справување со овие проблеми?
И оваа изборна година, Еко-свест ги анализираше програмите на политичките партии кои учествуваат на локалните избори во Скопје и имаат објавено изборна програма, што се само 6 од вкупно 23. Фокусот на анализата е ставен на заложбите за климатска акција и одржлив развој на градот, во согласност со обврските од Европската повелба за градоначалници, чиј потписник е Скопје уште од 2010 година.
Според Повелбата, градоначалниците имаат обврска во рамки на своите надлежности да: го намалуваат испуштањето на стакленички гасови преку мерки во секторите на греење, транспорт и отпад, да ја зголемат климатската отпорност на градот и да преземат чекори за намалување на енергетската сиромаштија.
И покрај тоа дека Скопје е потписник на Повелбата веќе 14 години, сѐ уште не е изработен Локален акциски план за енергија и клима, што дополнително ја истакнува важноста на овие избори и на ветувањата кои ги даваат политичките партии.
Анализата на изборните програми покажува дека климатските и еколошките теми: како што се намалување на емисиите, управување со отпадот, контрола на загадувањето и адаптација на градот кон климатските последици, се застапени во повеќето програми, што потврдува дека ова се меѓу најгорливите проблеми на главниот град.
„Кога ги анализиравме програмите бевме пријатно изненадени дека во сите достапни програми се предвидени мерки за зголемување на отпорноста на главниот град. Но, не сите политички партии имаат предвидено конкретни чекори и извор на финансии за реализирање на овие мерки и проекти. Загрижува што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ како најголеми политички партии, иако имаат предвидени мерки за намалување на емисиите на територијата на градот, сепак во голем дел планираат изградба на нови или реконструкција на постоечки булевари и улици што секако ќе придонесе за зголемување на сообраќајот во градот и зголемување на емисиите и загадувањето.“- изјави Елена Николовска, Програмски координатор за клима во Еко-свест.
Еко-свест изработи „изборен зелен семафор“ кој прикажува колку (и како) политичките партии се подготвени да се справат со климатските предизвици во Скопје – со цел граѓаните да донесат информирана одлука при гласањето.
Некои програми препознаваат клучни еколошки и социјални предизвици, климатската акција сè уште не е системски интегрирана во визиите на политичките партии. Поголемиот дел од нив не нудат решенија за енергетска сиромаштија, не предвидуваат поддршка за граѓанска енергија и речиси целосно изостанува едукацијата за климата. Дополнително, заштитата на природата и меѓуопштинската соработка остануваат маргинализирани теми. Ова покажува дека, и покрај зголемената свест за еколошките проблеми, на Скопје му се потребни поамбициозни, поврзани и конкретни планови – и политичка волја за нивно спроведување.
Сара Танаскоска