Кличко: Обновено греење во замрзнатиот Киев

by Fokus

Греењето е целосно обновено во Киев по последното руско бомбардирање на водоводната и енергетската инфраструктура, изјави денеска градоначалникот на главниот град Виталиј Кличко.

„Градот ги обновува сите услуги по последното гранатирање“, напиша Кличко на апликацијата за размена на пораки Телеграм. „Конкретно, системот за снабдување со топлинска енергија во главниот град е целосно обновен. Сите извори на топлинска енергија работат нормално“, напиша Кличко.

Украинските власти соопштија дека Русија истрелала повеќе од 70 проектили во петокот во еден од најжестоките напади од инвазијата на 24 февруари, предизвикувајќи прекин на електричната енергија низ целата земја и прекин на пристапот до греење и вода.

Температурите во Киев и многу места низ Украина изутринава беа под нулата, а до вечер се прогнозира живата во термоматарот главниот град да се спушти до минус 6 Целзиусови степени.

Киев е убедливо најголемиот град во Украина со проценето население од околу три милиони жители, а уште два милиони живеат во регионот на Киев. Од вчера третина од градот остана без струја.

Сергеј Коваленко, извршен директор на ЈАСНО, фирма што го снабдува Киев со електрична енергија, изјави доцна синоќа дека снабдувањето со електрична енергија се зголемува секој час. „Ситуацијата останува тешка и критична“, објави Коваленко на својот Фејсбук профил.

Поврзани новости