Во текот на 2020 и 2021 година, Ана Клесова, сертифициран работник со млади, ја спроведе иницијативата „Преку границите/ Beyond the borders”. Преку оваа иницијатива, Клесова вршеше мониторинг на ветувањето на Владата за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога – Лемос, дел од мерките за надворешна политика од владината Програма 2020-2024. Важен дел од иницијативата беше и мобилизацијата на заедницата по ова ветување, чија цел беше да се зајакне прекуграничната соработка, но и размената на идеи и искуства меѓу младите од Северна Македонија и Грција. Со иницијативата беше опфатен цел Југоисточен плански регион и активностите во истата се спроведуваа во повеќе градови како што се Валандово, Гевгелија и Струмица.
Фокус: Беа ли институциите отворени кон заложбите за иницијативата?
-Како дел од иницијативата имав состаноци и консултации со Министерство за надворешни работи, работилници и состаноци со граѓанскиот сектор и со младите од овие погранични региони. Изработивме видео кое ги опишува приближувањето и соработката на младите и граѓанскиот сектор како мотор за промени во општеството. Иако со иницијативата беше опфатена централната власт, директна комуникација имав и многу сум им благодарна и на Општина Валандово и Младински Сојуз Крушево, кои заедно со нивните партнери од Грција интензивно работат на иницијативата „Cooperation for a common future”. Токму тие имаат формирано локални канцеларии кои делуваат како инфо точки за соработка на младите од овие две соседски држави, и со нивната отвореност придонесоа кон спроведувањето на мојата иницијатива.
Фокус: Кои се најголемите придобивки од иницијативата „Преку границите“?
-Иницијативата беше плод на желбата за сплотување и остварување континуирана директна соработка меѓу две соседски држави, и за креирање мрежа од истомисленици од двете страни на границата. Сметам дека иницијативата ги поврза младите, организациите и институциите да соработуваат уште повеќе. Особено сум среќна што, креирајќи простор за споделување идеи, заеднички интереси и предизвици, за многу млади лица оваа иницијатива претставуваше и поттик за нови и пошироки партнерства и изнаоѓање иновативни начини за остварување прекугранична соработка.
Фокус: Што би им порачале на граѓанските организации со цел да ги охрабрите да аплицираат за новиот повик?
Би им порачала да поставуваат прашања, да запознаваат нови луѓе и да соработуваат со нив, а со тоа отвораат нови хоризонти, да бидат ентузијасти за она што мислат дека е важно за подобро утре во заедницата. Доколку сметате дека имате мотивација за да дадете придонес кон мобилизација на вашата локална заедница, со тоа веќе покажувате дека сте лидер за промени не само во вашата заедница, туку и пошироко.
Со вкупна сума од 6.600.000 денари преку проектот на Швајцарската Влада „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), објавува нов повик за доделување грантови за иновативни иницијативи.
Предложените иновативни иницијативи треба да идентификуваат проблем во заедницата за кој било ветено решавање или, пак, решение за кое било ветено остварување (во изборната програма) од страна на локалната власт и/или е вклучено во тековната програма на локалната самоуправа, и да ја мобилизира заедницата да ги потсети локалните власти на нивните дадени ветувања. Тие треба да се фокусирани на локални прашања чие решавање е во надлежност на локалната власт.
Апликации формално можат да поднесат граѓански организации, а барањето за еден грант треба да изнесува најмногу 300.000 денари. Апликантите на овој повик треба да имаат предвид дека ќе се сметаат за подобни доколку испратат само една апликација најдоцна до 30 септември онлајн: electoralreforms.mk/cm-2022/
„Поддршка на изборните реформи“ е проект на Швајцарската Влада, кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Проектот цели кон поинклузивни и подемократски изборни процеси раководени од зајакната организација на изборите, кои се одблизу набљудувани од граѓаните.