Владата се подготвува за преговори со ЕУ, не очекува сопки од Мицотакис и Макрон

by Фокус

Македонија очекува во октомври да ги почне преговорите со ЕУ, истакнаа на брифинг со новинарите вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и главниот технички преговарач Бојан Маричиќ. Како што рекоа тие, носител на преговорите ќе биде администрацијата, а Секретаријатот за европски прашања се трансформира во Секретаријат за преговори со Европската Унија.

-Одлуката од јуни се разгледува од почеток, и во октомври секоја земја-членка треба да гласа позитивно за да ја добиеме одлуката. Во овој период бараме состаноци и средби со членките, ќе работиме од најголемите поддржувачи до најголемите скептици за да разговараме со нив за тоа што сме направиле во конкретниот период. РСМ ги има исполнето барањата на земјите-членки за започнување преговори. Важно е да се надмине оваа техничка пречка на Бундестагот, ги разгледуваме и датумите на седниците на Бундестагот, за да ја вклопат и нашата тема за да се разгледа, додека со Франција работиме како што работиме со сите членки за да понудиме аргументи дека ако некоја земја-членка заслужува преговори, тоа е РС Македонија – рече Османи.

Главниот технички преговарач Маричиќ, во однос на прашањето дали постои можност Грција да ја користи ЕУ за да издејствува одредени измени во Преспанскиот договор, рече дека изјавата била дадена во контекст на некои работи што треба да се дефинираат, а што произлегуваат од Преспанскиот договор.

– Беше споменато дека особено ќе се грижат во оваа смисла за интересот на бизнис заедницата и компаниите во Грција, а нам допрва ни следи работа во рамки на оние коимииси за утврдување на потеклото на производите, трговијата. И за трговските марки и за историските прашања во текстот на договорот од Преспа постојат насоки – во однос на трговските марки насоката е дека ќе се решаваат според европските правила, а историските прашања според членот 7, каде што се дефинира различното поимање на терминот Македонија и на историјата во Грција и кај нас – рече тој.

 

Поврзани новости