Директорот и главен и одговорен уредник на „Телма”, Атанас Кировски се огласи со реакција на својот „Фејсбук” за новата систематизација во телевизијата.
„Точно е дека се врши систематизација и дека се укинати 12 позиции, но тоа не значи дека се поделени 12 откази на луѓе! Тоа се тенденциозни и злонамерни шпекулации и невистини. Иако немаме законска обврска да разговараме со независниот синдикат околу ситематизацијата и рационализацијата, го правиме и тоа, и бараме чаре за секој човек! Но, некои луѓе и навистина ќе мора да си заминат. Сакам да се знае дека нема таков на кој не му се дадени повеќе од две шанси, и молењето некои луѓе да си ја заработуваат платата трае 20 месеци. За тоа се свесни и луѓето од синдикатот кои ми дадоа целосно за право. Инаку, апсурдот е во тоа што повеќето портали кои прават линч врз „Телма“, ни оддалеку не ги имаат регулирано односите со вработените како во „Телма“, а нивните плати или хонорари (во „Телма“ инаку нема новинари хонорарци, сите се вработени!) се барем 3 пати пониски отколку на новинарите во „Телма“. Врв на лицемерието!“, напиша Кировски.
Инаку, на попладневната стредба, раководството на „Телма“ и синдикатот на телевизијата се договориле да се разгледаат сите можности со кои не би имало потреба од отпуштање на вработени.
Меѓу 12-те новинари од Телма кои беа прогласени за технолошки вишок, седум се со долгогодишен стаж во телевизијата од информативната,и пет од културната и забавната редакција.