Еден од лидерите на новоформираната бугарска коалиција „Продолжуваме со промената“ на двајцата поранешни привремени министри, Кирил Петков по гласањето изјави дека тоа го направил за да продолжи промената во државата.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков рече и дека гласал затоа што верува дека Бугарија може повеќе.
Многу е важно по парламентарните избори во Бугарија да не се фрлаат наслови и имиња. Според него, идната влада на Бугарија ќе биде коалициска влада. Важно е да се зборува за две политики без кои не се може – смена на главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев и создавање на антикорупциска агенција за запирање на корупцијата во Бугарија, додаде тој.
Кирил Петков коментира дека Бугарија треба да води работен дијалог со Северна Македонија, во кој треба да учествуваат не само историчари, туку и луѓе од економијата и културата. Затоа што не е нормално да се лета од Софија до Скопје преку Виена. Не е нормално да нема директна железничка врска меѓу двете држави.
Петков ги повика бугарските граѓани да гласаат и ја поддржа одлуката на Централната изборна комисија за пребројување на 100 отсто од контролните ливчиња. Петков прогнозира дека доколку денеска излезат над 3,3 милиони гласачи „Продолжуваме со промената“ ќе има апсолутна шанса да биде првата политичка сила во Бугарија.