-Во старата општинска зграда во Косел има казнена експедиција на неистомислениците на власта, обвини денеска дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски, на посетата во Охрид.
Тој рече дека тука дошол поради пријавите од граѓани, кои се жалеле на закани и притисоци.
-Денес на градоначалникот Бакрачески му предочив една ситуација во која оваа општина по налог на секретарот на општината во седиштето на старата општина Косел имаме таканаречена казнена експедиција на општинари кои што претходно биле неистомисленици со власта и работата во несоодветни услови, а тоа треба да се промени тоа е недозволиво- рече Кирацовски.
Секретарот на Општината, Димитар Спасески е изненаден од обвинувањата и тврди дека се клевети.
-Наследивме администрација која се плашеше од избори, бидејќи претходното раководство вработените во локалната самоуправа и училиштата, брутално ги тераше да излегуваат на протести. Тие мислат дека она што го правеле тие е стил на секој поединец. Откако сум поставен за секретар единствено се грижам администрацијата да работи ефикасно и во функција на граѓаните – рече Спасески.
Тврдењата на Кицаровски децидно ги отфрли и градоначалникот Бакрачески.