Кирацовски: Не исчезнав од СДСМ, туку повлеков чекор назад за да направам три напред

by Фокус

Ниту бев сменет, ниту „изметен“, туку ми беше прифатена оставката дадена неколку денови после претседателските избори, кога всушност заедно со мене оставки поднесоа и сите членови на партиското раководство освен претседателот Зоран Заев, вели поранешниот генерален секретар на СДСМ Алекансадар Кирацовски, по повод текстот објавен во најновиот број на неделникот Фокус со наслов „Кирацовски исчезна, Манчевски замина, што ќе се случи со Зекири?“, во кој се анализираат одредени кадровски промени и внатрешни состојби во владејачката партија.

-Ако се прашувате зошто ја поднесов оставката и покрај тоа што додека јас бев генерален секретар, заедно со партиските другари, остваривме историска победа на локалните избори во 2017 година, прва победа на претседателски избори после 2004 година (што се прилично немотивирачки и неатрактивни избори), со гласови еднакви на последните парламентарни избори, ќе ве замолам да се сетите на длабоко организираната хајка која ми беше приредена подолг период. Хајка, која ако ги тргнам редовните партиско-политички напади врз лидерите на партии, што се сметаат за нормални, кон мене беше безмилосна и можеби споредлива, своевремено, со онаа врз Никола Тодоров, со битна разлика што врз мене беше целосно неоправдана – вели Кирацовски.

Според него, очигледно било дека тој на највисоката оперативна функција во партијата им сметал на одредени квазиструктури, на кои, како што вели, им било јасно дека без него ќе се чувствуваат покомотни во остварувањето на нивните намери.

-Кои структури и какви намери? Дали беа внатрепартиски или од опонентот? Тоа е добро прашање. Иако можеби следново ќе звучи неупатно, но среќа што сум чист како солза во секоја смисла, што времето го потврдува, во спротивно ќе поитаа и „кожата на греди“ да ми ја видат, но очигледно се себезалажаа. Следствено на тоа, согледувајќи дека моето опстојување на таа функција кон мене и кон моето семејство станува нефер и неоправдано, се решив на пауза, неинсистирајќи на никаква функција, со цел времето да расчисти многу работи и да ја потврди заболеноста на јавниот простор од грубите лаги и манипулации – изјави Кирацовски.

Во однос на прашањето дали неговото „исчезнување“ од политиката е трајно или е само привремено, тој вели – повлеков чекор назад за да направам 3 чекори напред.

-Сега времето лека-полека ги разбива облаците од лаги и инсинуации истурени врз мене, а јас со многу поголемо искуство кон одредени состојби и личности ја кројам стратегијата за доброто на многу неоправдано „исчезнати“ херои во СДСМ, чии места сега се запоседнати од ликови кои до вчера беа како со папочна врвца припоени до режимот . Стратегија која се базира на вистинско лидерство и како флуид го поврзува чистиот супстрат на членството на СДСМ за доброто на партијата и во поддршка на претседателот Заев. Сепак, дали моето „исчезнување“ од политиката е трајно или е само привремено откорнат пиреј, е прашање на кое одговор ќе дадам лично јас! – вели Кирацовски.

Воедно, поранешниот генерален секретар на СДСМ вели дека периодов времето го минува со сопругата и двата сина, во друштво на, како што нагласува, вистинските другари, како и во завршеток на вториот магистерски труд на патот кон докторските студии.

В.С.

Поврзани новости