Правда мора да има, а 2020 нека биде токму година на правдата и праведноста – за ,,Фокус” порача пратеникот Александар Кирацовски, кој во ноември 2019 година најави дека ќе поднесе предлог Закон со кој кривичните дела сторени од избрани и именувани функционери нема да застаруваат.
Поради тоа, вели дека денес го поднесува предлог – законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик со кој кривичните дела сторени со злоупотреба на службената должност, особено на државни функционери, нема да застаруваат лесно.
-Пред извесно време, поради истекување на рокот од шест години без правосилна судска пресуда и настапување на апсолутна застареност за кривичното дело „Траекторија“ се беше спасил симболот на криминогеното политичко подземје за време на неговото владеење, Никола Груевски. Тоа беше капката која го прели пехарот на неправдата и која од сите нас побара соодветна реакција.
Токму затоа, како пратеник во Собранието на нашата Македонија, тогаш ветив, а денес поднесувам Предлог- закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик со кој кривичните дела сторени со злоупотреба на службената должност (особено од избрани и именувани лица – функционери), нема да застаруваат лесно.
Со предлог законското решение се претпочита измена на кривичниот законик со што периодот на апсолутната застареност, заради заштита на општествениот интерес, се зголемува за една третина од моментално пропишаната, односно „застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине трипати онолку време (наместо актуелно – „двапати’’ онолку време) колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење“.
Дополнително во законот се додава нов став кој гласи „Ако пред истекот на роковите од членот 107 став (1) точки (1), (2), (3), (4), (5) и (6) од овој закон е донесена првостепена пресуда застареноста на кривичното гонење се продолжува за две години, со што исто така се оневозможува брзо застарување на кривичните дела по донесување на првостепена пресуда.