Кипар ќе им плати лекување, а и сместување на заразените туристи

by Fokus

Кипарската влада се обврзала да ги покрие трошоците за одмор на сите кои ќе бидат позитивни на новиот коронавирус откако ќе го поминат одморот на островот.

Според владата, ќе биде платено сместување, лекови и храна за пациентите и нивни роднини. Туристите „ќе мора да ги покријат трошоците за превоз до аеродромите и авионските билети“.

Тоа е дел од пакетот мерки насочени кон привлекување туристи на овој медитерански остров, кој добро се носи со вирусот. Кипар потврди 939 инфекции со коронавирус, а 17 лица починале.

Властите исто така планираат да направат болница со стотици кревети, особено за туристи кои на тестовите се позитивни, како и неколку т.н. карантински хотели за нивните семејства, јавува Би-Би-Си.

Кипар планира да ги отвори аеродромите на 9-ти јуни за земји со слична епидемиолошка слика, вклучувајќи ги Германија, Грција, Израел и Малта. Властите ќе го ажурираат списокот седмично.

Според Пердиос, Британците и Русите, кои заедно сочинуваат повеќе од половина од сите туристи на Кипар, веројатно на островот ќе можат да летаат во јули.

Поврзани новости