Кинезите успешно клонираа мајмун резус: има физиологија слична како на човекот

by Fokus

Кинеските истражувачи успешно го клонираа првиот мајмун резус, вид кој е широко користен во медицинските истражувања поради неговата физиологија слична на човекот, што може да резултира со побрзо тестирање на лекови кај луѓето, бидејќи генетски идентичните животни даваат слични резултати и обезбедуваат поголема безбедност при испитувањата.

Претходните обиди за клонирање на резус или не успеаја да се породат или потомството умре неколку часа подоцна, пренесе Би-Би-Си.

Кај цицачите, сексуалната репродукција резултира со потомство составено од мешавина на гените на нивниот татко и мајка, додека клонирањето користи техники за создавање генетски идентична копија на едно животно.

Кинеските истражувачи користеле 113 ембриони, од кои 11 биле имплантирани и постигнале две бремености и едно успешно раѓање на мајмун, кое го нарекле „РеТро“, користејќи научен метод наречен „замена на трофобласт“ што се користи за „производство“ на животни.

Д-р Фалонг Лу од Универзитетот на Кинеската академија на науките рече дека сите биле среќни од успешниот исход на клонирањето, додека од друга страна, портпаролот на британското Кралско друштво за спречување на суровост кон животните (RSPCA ) рече дека организацијата верува дека страдањето на животните ги надминува сите непосредни придобивки за пациентите.

Како одговор на ваквата загриженост, д-р Фалонг рече дека целта на неговиот тим е да добие повеќе клонирани мајмуни, а истовремено да го намали бројот на користени ембриони, додавајќи дека се добиени сите етички одобренија за истражувањето.

„Сите процедури за животни во нашето истражување се придржуваа до упатствата поставени од Комитетите за употреба и грижа за животни на Шангајскиот институт за биолошки науки, Кинеската академија на науките и Институтот за невронаука“, рече тој.

Поврзани новости