Се чини дека последните денови на TikTok во САД се ближат. Доколку нема поголема промена во следните неколку дена, популарната платформа во САД ќе престане да работи, на жалење и разочарување на милиони Американци кои поминуваат часови секој ден скролувајќи низ екраните на нивните телефони гледајќи бројни видеа на мрежата.
Се разбира, TikTok се противи на таа одлука и смета дека тоа е напад на слободата на говорот на Американците, додека американската влада тврди дека оваа апликација претставува безбедносна закана за САД.
Интересно е како неодамна дури и Доналд Трамп го омекна својот став за оваа платформа, но тешко дека во моментов може да влијае на конечната одлука за нејзината забрана.
Но, сламката на спасот, можеби, е кинеската влада.
Според теоријата која вчера се рашири во медиумите, кинеската влада го гледа Илон Маск како една од можностите за спас на оваа платформа.
Според таа теорија, Кинезите сакаат тој да ги преземе американските операции на TikTok. Ако некој има пари за тоа, тоа е секако Маск, најбогатиот човек на светот, десна рака на претседателот Трамп и сопственик на една од најпопуларните социјални мрежи – X.
Според Блумберг, ова е само една од идеите на кинеската влада за иднината на оваа мрежа и се уште немаат донесено конечна одлука за тоа, а јасно е дека не само Маск треба да се согласи со тоа, туку и ByteDance , кинеската компанија која е сопственик на TikTok. Кога се појавија првите информации за преземањето на TikTok од Маск, медиумите не знаеја каков е ставот на ByteDance кон идејата.
Додека X не одговори на прашањата на новинарите на CNBC, кинеската компанија одговори дека не може да коментира за чиста фикција.
Дали ова значи дека овие гласини за потенцијалната сопственост на Маск на TikTok се чиста фикција или сепак можеме да ги погледнеме водени од поговорката „каде има чад има оган“, во моментов не се знае, но што можеме да очекуваме е дека ситуацијата со оваа социјална мрежа треба многу брзо да се расчисти.
Имено, ByteDance има рок до 19 јануари да донесе одлука за потенцијалната продажба на TikTok, па сега се прашање на денови до потенцијална забрана или продажба.