Кинези ги убедуваат македонските трговци да нарачаат роба и им ветуваат добри зделки!

by fokus

Додека светот е во паника поради епидемијата на корона вирус во Кина, кинески производители кои соработувале со македонски трговци, ги убедуваат дека се е под контрола и апелираат нашинците да продолжат да ги порачуваат нивните производи.

Писма во кои тврдат дека ќе им понудат одлични зделки, со цел да ја продолжат соработката, деновиве пристигнале до повеќе наши компании, од страна на производители на разни продукти од Кина.

-Сигурно сте слушнале нешто за коронавирусот во Кина. Немојте да се грижите, ние сме добро! Нашата Влада презеде сериозни и ефективни мерки да и се спротивстави на епидемијата, веруваме дека се ќе се врати во нормала за кратко време.

И, наспроти сите инструменти на Владата, ние планираме да го продолжиме производството по десетти февруари. Затоа, немојте да се грижите за ништо, ако сте планирале да направите нарачка од кај нас, контактирајте не, ќе ви ги дадеме најдобрите понуди! – наведено е во писмото кое што денес го добил трговец од Македонија, кој што соработувал со кинеска компанија за производство на автомобилски гуми.

Слични писма и пораки во кои што ги уверуваат потрошувачите дека се е под контрола и покрај епидемијата, од Кина добиле голем број на наши компании.
Стравот од коронавирусот и нанесе силен удар на кинеската економија. Акциите на берзите во Кина загубиле 420 милијарди долари од основниот фондов индекс.
Исто така, граѓаните стравуваат дека смртоносниот вирус може да се пренесе и преку пакетите нарачани од Алиекспрес, и покрај тоа што официјално, одговор на ова прашање нема.

-Она што е засега сигурно е дека не може вирусот да се пренесе по пат на пакет. Секако дека веројатно во некои услови би можел, но тоа е теорија. Едноставно нема правилен одговор во целост, и потполно точни сознанија. Досегашните сознанија велат дека не може да се пренесе, но тие околности може и да се променат- изјави епидемиологот доктор Предраг Кон, началник на единица за заразни болести, во Заводот за јавно здравје, Србија, за нетокрација.рс.

Според CDS (Centers for disease control and prevention) www.cds.gov коронавирусот се пренесува од човек на човек преку репираторни исцедоци од кашлање и кивање, а истите генерално, тешко можеле да преживеат на површина. Според центарот за контрола на болести и превенција, можни се многу мали шанси за пренесување на вирусот од производи или пакети кои биле испорачани и патувале со денови или недели, поради амбиенталните температури.

Сепак, голем е бројот на граѓани и компании од земјава кои поради стравот од епидемијата го одложиле нарачувањето на производи од Кина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости