Кинескиот амбасадор во Русија: Има сомнежи дека корона вирусот почнал да се шири во Италија, уште пред да се појави во Кина

by fokus

Секвенци од генот на новиот корона вирус укажува на тоа дека вирусот не се појавил во кинескиот град Вухан, туку бил увезен, вели во интервју руската агенција „Тасс“ кинескиот амбасадор во Русија, Џанг Ханкуј.

Интервјуто објавено минатата недела доаѓа како продолжение на обвинувањата за одговорноста за пандемијата кои во изминатиот период се испраќаат на релација Вашингон-Пекинг.

Амбасадорот во интервјуто зборува за детали од истражувања кои се поврзуваат со „претците“ на ковид-19.

„Пет водечки кинески научни организации собраа податоци за 93 генетски видови на ковид-19, кои се објавени во глобалните бази на податоци од страна на 12 земји од различни континенти. Истражувањето покажа дека најстариот откриен ‘предок’ на ковид-19 е вирус познат како mv1, кој понатаму еволуирал во хаплотипови (секвенци) H13 и H38. Овие два еволуирале во втора генерација Н3 која на крај еволуирана во Н1 (ковид-19)“, вели кинескиот амбасадор.

За да можат сите да го разберат, тој во интервјуто видовите на вирусот ги ословува со семејни релации, па вирусот mv1 го нарекува „прадедо“, Н13 и Н38 ги ословува со „баба“ и „дедо“, а Н3 со „татко“ на ковид-19.

Вирусот, тврди Ханкуј, што беше откриен на пазарот за морска храна во Вухан е од стеблото на Н1, а претходно во Вухан е откриен само Н3 односно „таткото“, но тоа нема никаква поврзаност со пазарот.

Меѓутоа, Н13 и Н38 (бабата и дедото на ковид-19) никогаш не биле пронајдени таму.

„Ова укажува на тоа дека примерокот Н1 (ковид-19) на пазарот е донесен од страна на веќе инфицирано лице, што понатаму ја предизвикало епидемијата“, заклучува амбасадорот.

Тој истакнува дека првичниот избор на ширење на ковид-19 засега не е идентификуван, а трагите можат да водат на многу страни.

Тој вели дека со помош на современата наука и технологија, може да се следи изворот на вирусот односно да се дојде до нулта пациентот и тогаш ќе се открие сето она што се криело досега.

Бранејќи ја тезата дека нема факти кои докажуваат дека вирусот настанал во Вухан, Ханкуј посочува пример со брачна двојка од Јапонија, која вели, се заразила додека престојувала на Хаваите, од 28 јануари до 7 февруари, а двојката воопшто не била во Кина ниту, пак, контактирала со некој Кинез.

Понатаму, амбасадорот посочува на медиумски написи дека ковид-19 во Ломбардија, Италија, прв пат се појавил уште на 1 јануари, како и сомнежите на медицинскиот специјалист Џузепе Ремучи, според кој, епидемијата во Италија почнала да се шири уште да започне во Кина.

Поврзани новости