Дел од големата кинеска ракета „Лонг марч 5Б“, долга 30 метри и тешка околу 22 тони, што ја лансираше Кина за својата вселенска станица Тијанх неконтролирано се враќа назад кон Земјата. Очекувањата се таа да влезе во земјината атмосфера помеѓу 8-10 мај, но поради брзината со која се движи не може точно да се одреди каде би паднала.
Европската вселенска агенција, пак, предвиде „ризична зона“ каде би можела да падне и таа ја опфаќа површината на платената земја помеѓу 41,5 степен северна и јужна географска ширина. Оваа површина од планетата земја ги вклучува цела Америка јужно од Њујорк, цела Африка и Австралија, делови од Азија – јужно од Јапонија, како и делови од Европа – Шпанија, Португалија, Италија и Грција.
Астрофизичарот од Унивезритетот Харвард, Џонатан Мекдауел, сепак, вели дека ризикот е мал и најверојатен исход е да падне во Тихиот океан бидејќи тој покрива најголем процент од површината.
„Ризикот дека ќе има некоја штета или дека тоа ќе погоди некого е мал, но не е занемарлив. Би можело да се случи, но ризикот дека ќе погоди човек е навистина мал. Така што, јас не би губел ниту една секунда сон поради загриженост“, изјавил за „Си-ен-ен“ Џонатан Мекдауел, астрофизичар од Универзитетот Харвард.
Случајот со кинеската ракета е прв од 1990 година во кој некој вселенски објект потежок од 10 тони неконтролирано паѓа кон Земјата.