Русија и Кина во заеднички став, го критикуваа „негативното влијание на САД во Европа и азиско-пацифичкиот регион“ и се спротивставија на „натамошното проширување на НАТО“, беше соопштено по денешната средба меѓу претседателите на двете земји Владимир Путин и Си Џинпинг.
Средбата се одржа во Пекинг пред денешното отворање на Зимските олимписки игри во главниот град на Кина.
Во заедничкиот документ, Русија и Кина го повикаа НАТО „да се откаже од пристап заснован на Студената војна“ и изразија сериозна загриженост за одбрамбениот сојуз меѓу Австралија, Велика Британија и САД.
-Вашингтон има негативно влијание врз стабилноста и мирот во азиско-пацифичкиот регион, се додава во соопштението.
Во исто време, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рече дека на САД не може да им се верува во однос на тензиите на руско-украинската граница.
– Би препорачал да не му се верува на Стејт департментот во овие работи, рече Песков, осврнувајќи се на наводите на американските разузнавачки служби дека Русија планирала да измисли напад од Украина за да создаде повод за напад на својот сосед.
Инаку, Џинпинг денеска ги прогласи за отворени 24-те Зимски олимписки игри на свеченост одржана на националниот стадион во Пекинг, а македонското знаме на церемнијата го носеше алпскиот скијач Дардан Дехари.
Свеченото отворање, кое беше наречено „Приказна за снегулката“, го режираше Жанг Јиму (71), чие дело беше и свеченото отворање на Летните олимписки игри во кинеската престолнина во 2008 година.
Свеченоста одржана на првиот ден од пролетта според кинескиот календар, почна со настап на танчари, кои салутираа со вжештени зелени стебленца со цел да ја прикажат виталноста на пролетта, по што уследи експлозија од огномет во бела и зелена боја, испишувајќи го зборот „Пролет“ над стадионот „Птичје гнездо“.